Од утре до петок кога се најавени пеколни горештини, скопскиот Црвен Крст по улиците ќе им помага на граѓаните. Четири мобилни тимови ќе патролираат низ централното градско подрачје и на поголемите автобуски постојки. Ќе им мерат притисок на оние кои ќе се пожалат на тегоби, ќе делат вода и флаери со совети за заштита од топло време. Лекарите велат дека општите препораки важат за сите, но посебно мора да внимаваат трудници, деца и хронично болните.
-Ако пијат терапија да не излегуваат кога е најтопло, исто и малите деца кај кои се уште не е регулиран системот за терморегулација да не бидат изложени на сонце. Секогаш да се носи соодветна облека и заштитна капа, вели Михаил Кочубовски од ИЈЗ
Освежување и разладување со вода е спасот од горештините, но таа да не биде со мраз, советува Кочубовски.
-Не знаете како е манипулирано со мразот и може да дојдат до вас и бактерии, затоа нема потреба од мраз, вели Кочубовски.
На 40 степени целзиусови сите бегаат од врелиот асфалт во разладени простории каде е климатизирано. Но според експертите, тоа дополнително може да го загрози нивното здравје. Препорачуваат умерено користење на клима уредите и нивно редовно чистење за да избегнат зараза од легионерската болест.
– Не смее внатре да ви биде 22 степени и излезете надвор на 35 степени, тогаш ќе доживеете топлотен удар. Доволно е да биде 25 степени и секако пред да излезете да ја исклучите климата за да ви се аклиматизириза телото, вели Кочубовски
Во автомобилите експерите советуваат прво отворање на прозори и пуштање на климата да работи па после неколку минути да почнете со возењето. На тој начин ќе се спасите од хемикалиите кои биле насобрани во уредот.