Трета година по ред, Македонија го одбележува Светскиот Ден за Хигиена на рацете, и ги поврзува активностите за правилна хигиена на рацете со намалување на инфекциите во болниците и заедницата, намалување на употребата на антибиотици и со последователен ефект во намалување на антимикробната резистенција.
Оваа година надлежните подготвиле едукативни постери за правилна хигиена на рацете при различни медицински постапки. Ги дистрибуирале до сите болници во земјата. Со следење на чекорите за хигиена на рацете при специфични медицински постапки ќе се овозможи намалување на болничките инфекции во Македонија.
Според податоците на СЗО, секоја година стотици милиони лица во светот се соочуваат со интрахоспитални инфекции. Насекаде во светот, секојдневно умираат илјадници луѓе од инфекции стекнати за време на добивање на здравствена нега. Особено опасни се интрахоспиталните инфекции кои се предизвикани од мултирезистентни микроорганизми. Непотребната и зголемена употреба на антибиотици, особено на тие со широк спектар на делување, доведува до развивање на резистенција (отпорност) на бактериите кон антибиотиците и намалување на нивната моќ да делуваат тогаш кога се најпотребни. Ширењето на мултирезистентните микроорганизми во здравствените институции е често и најчесто се одвива преку нечисти раце на здравствените работници, пациентите и посетителите.