Постојаното учење, здравата исхрана, непушењето, добриот слух и дружењето со други лица можат за една третина да го намалат бројот на случаи на деменција, тврдат британски научници.
Во сеопфатна анализа на ризични фактори кои стојат зад деменцијата, научниците укажуваат дека многу луѓе престануваат да се образуваат по 15-та година од животот, а тука е и проблемот со високиот крвен притисок, дебелината и губењето на слухот на средна животна возраст.
Опасни се и пушењето, депресијата, физичката неактивност, општествената изолација и дијабетесот во повозрасни години.
Експертите сметаат дека со елиминација на овие фактори во просек можат да се елиминираат еден од три случаи на деменција во светот.
– Иако деменцијата се дијагностицира во подонцежни години, промените на мозокот почнуваат многу порано, објаснува професорката од Универзитетот во Лондон, Џил Ливингстон.
Според последните проценки на Меѓународното здружение на заболени од Алцхајмер, околу 47 милиони луѓе во светот страдаат од деменција, а трошоците за болестите поврзани со пропаѓање на функциите на мозокот изнесуваат 818 милијарди долари годишно.
Деменцијата ја предизвикуваат болести на мозокот, од кои најчеста е Алцхајмеровата болест, која предизвикува пропаѓање на клетките на мозокот и влијае на помнењето, однесувањето, ориентацијата и снаоѓањето во просторот, како и способноста за спроведување на секојдневните активности.
Бројот на луѓето кои ги погодува деменција до 2050 година ќе се зголеми за три пати и ќе опфати 131 милион луѓе, оценува Светската здравствена организација.
Експертите утврдија дека кај 35 отсто случаи на деменција кои можеле да бидат спречени, три најважни фактори за превенција се зголемување на образованието на помлада возраст, намалување на проблемите со слухот во средни години и прекинување со пушењето.