Руски лекари предупредуваат: Можна е повторна инфекција со коронавирус дури и кај оние пациенти кои развиле имунитет кон вирусот

Повторна инфекција со коронавирусот е можна дури и кај оние пациенти кои развиле имунитет кон вирусот, тврдат руски лекари кои лекувале лица заболени од „ковид-19“.

Евгениј Шијато, шеф на работната група за спречување на коронавирусот во Санкт Петербург, тврди дека податоците што им се на располагање укажуваат дека инфекцијата со вирусот е можна дури и откако лицето веќе било заразено, пренесува ТАСС.

Шијато изјави дека денес е познато дека се потребни меѓу 100 и 120 дена за да се добие имунитет на вирусот, што значи дека теоретски постои можност за повторна инфекција во овој период.

Дури и кога некое лице го има прележано вирусот и има високо ниво на антитела, тоа не значи дека тој секогаш ќе биде заштитен од повторна инфекција, посочи овој руски лекар.

Јаков Накатис од Клиничката болница „Соколов“ бр. 122, во која се лекуваат пациенти со „ковид-19“, смета дека имунитетот на коронавирус може да биде сличен на имунитетот на грипот, од кој вакцината не заштитува секогаш. Накатис истакна дека степенот на имунитет не зависи од сериозноста на симптомите на болеста и дека зависи само од среќа дали некое лице повторно ќе се зарази или не.

Слично мислење има и Сергеј Петров од Градската болница „Свети Елизабета“ во Санкт Петербург, кој смета дека можна повторна инфекција и дека коронавирусот, како и секој друг вирус, може лесно да мутира, и тогаш стекнатиот имунитет веќе не би обезбедил заштита.

Во Русија, 362.342 лица се заразени со коронавирусот од почетокот на епидемијата, закрепнати се 131.129 пациенти, додека 3.807 починале.