Расте бројот на склучени бракови во Македонија, но пораст има и кај разводите!

Бројот на склучени бракови во Македонија бележи пораст, но зголемување има и кај бројот на разведени бракови, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според ДЗС бројот на склучени бракови во 2017 година, во споредба со претходната година, е зголемен за 4.4 отсто и изнесува 13.781 склучен брак.

Најмногу бракови, 1. 771 или 12.9 отсто, се склучени во месец август, а најмалку во месец март, 764 или 5.5 отсто.

Според статистиката, најчесто во прв брак стапиле 93.1 отсто жените, а 91.4 отсто мажите.  Во втор брак и во трет брак почесто стапуваат мажите.

Жените најчесто застанувале пред матичар на возраст од 20 до 24 години, а мажите пак од 25 до 29 години.

Според припадноста кон етничката заедница на соприжниците, најмногу бракови се бележат кај македонската заедница – 7.291, потоа на албанската – 4.878, на турската – 489, на ромската – 463, на српската – 110,  на бошњачката – 108, а најмалку кај влашката каде има само девет брака.

Бројот на разводите минатата година, според ДЗС, бележи зголемување од 0.5 отсто во споредба со претходната година и изнесува 1.994 разведени бракови.

Најмалку бракови во текот на годината се разведени во месец август, а најмногу во декември.

Според возраста на сопругата и на сопругот, најголем број разводи се случиле во старосната група од 30 до 34 години.

Според припадноста кон етничката заедница на соприжниците, најмногу разводи се бележат кај македонската заедница -1.132, потоа на албанската – 455, на ромската – 195, на турската -39, на српската – 33,  на бошњачката – 23, а најмалку кај влашката каде има само еден развод.

бракматичномесециразводистатистика