Во Р.Македонија во 2016 година од меланом умреле 59 лица со стапка од 2.8 на 100 000 жители, од кои 38 се мажи, а 21 се жени. Стапката на умрени мажи изнесува 3.7 на 100 000 мажи, а стапката на умрени жени 2.0 на 100 000 жени.
Бројот на заболени од меланом е во постојан пораст и е еден од туморите со најголема експанзија во последно време. Годишното зголемување на бројот на заболени е за 4-5%, што значи дека бројот на заболени се удвостручува секои 10-15 години.
Во Европа годишно заболуваат околу 14 лица на 100 000 население. Меланомот во последните пет години е на листата на најчести малигни заболувања. Во Европа жените заболуваат од меланом почесто од мажите, додека во САД и мажите и жените заболуваат подеднакво. Бројни студии покажуваат дека жените заболени од меланом имаат подобра стапка на преживување од мажите. Причината за тоа најверојатно е што жените посветуваат поголемо внимание на својот изглед, порано ги забележуваат промените на кожата и порано се јавуваат на лекар. Од ова може да се заклучи дека клучен фактор за добра прогноза е рано откривање на меланомот. Меланомот најчесто настанува во педесетите години од животот освен lentigo maligna меланомот – тип на меланом кој воглавно се јавува во седмата деценија од животот, најчесто на кожа која долготрајно е изложена на сонце (лице, раце). Меланомот во последните години сѐ почесто се појавува кај помладата популација на возраст меѓу 25 и 44 години, многу ретко во пубертет.
Меланомот воглавно се појавува кај белата раса, додека кај црната и жолтата раса е доста редок. Најмногу е распространет во Австралија и земјите со големо ниво на сончево зрачење.
Заболените од меланом имаат поголем ризик од развој на друг примарен меланом во однос на останатите луѓе од популацијата. Исто така, лицата кои претходно имале некој друг малиген тумор на кожата имаат поголема можност за развој на меланом.