Пуштени во употреба новите реновирани операциони сали на Клиника за ортопедија

Нови и целосно реновирани операциони сали денеска беа пуштени во употреба на Клиниката за ортопедија  при Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).

По тој повод, министерот за здравство Венко Филипче ја посети Клиниката по што изјави дека салите биле во лоша состојба, руинирани, а сега се направени според сите светски стандарди, со реконструиран под, нови светла и нови операциони столови, што, како што потенцира, на експертите добро познати во земјата, од регионот ќе им овозможи работа во современи услови, а со тоа и надградување на квалитетот на здравствената услуга на пациентите и воведување нови методи и правење нови интервенции.

-И следната година ќе продолжиме да инвестираме како во платите на здравствените работници, така и во инфраструктурата таму каде што е најкритично и најмногу потребно, а имаме сериозно голема причина да веруваме дека на крајот на 2019 година ќе го удриме темелот на новиот клинички центар, истакна Филипче.

Директорот на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар, Илир Хасани рече дека три од четири операциони сали се комплетно реновирани со ѕидови, таван, електростатски под, поставена е современа климатизација на воздухот за прочистчистување на воздухот со три филтри за задршка и на нано честичките, а има и вентилација со ламинарен тек на воздухот според највисоки стандарди.

Посочи дека е обезбедена нова инсталација на медицинските гасови, а комплетно е сменета и електриката.

-Постоечката опрема е надополнета со висококвалитетна опрема, вклучувајќи оперативни столови, светло, како и опрема неопходна за функционирање на операционите сали, а направено е и сервисирање на постоечката опрема. Инсталиравме автоматски херметични врати наменети за операциони сали за да ги исполниме високите стандарди во оперативниот блок,  рече Хасани.

Додаде дека станува забор за едни од најсовремените операциони сали, а средствата се обезбедени од Фондот за здравствено осигурување, од Министерството за здравство, од приходи на Клиниката, како и од донации.

Раководителот на ортопедија, Виктор Камнар рече дека ја продолжуваат традицијата која оваа Клиника ја има во лекување на најтешките заболувања од областа на ортопедската хирургија и од областа на ортопедската патологија.

Потенцира дека имаат тим кој може да одговори на најголем дел од предизвиците кои оваа патологија ги има и дека на овој начин ќе направат во перспектива нов концепт на функционирање и лекување на најтешките заболувања. Пред се тој ги напомена децата односно детската патологија во делот на развојните и стекнатите заболувања, а во прв ред тоа се на рбетниот столб каде отвораат, како што рече, нова епоха за хируршко и конзервативно лекување, малигните и бенингните неоплазми на коските односно малигни и бенингни тумори на коските кои се во пораст. Во овие услови, како што посочи, отвораме можности за нивно успешно лекување во нашата земја.

-Она што претставува повеќегодишен проблем, а тоа е проблемот со листите на чекање особено кај пациентите кои се кандидати за вградување на вештачки зглобови, колк и колено во прв ред да се намалат односно да се намалат најмалку на половина од една страна, а од друга страна да се воведат нови трендови т.е. имплантација на зглобови или вградување на зглобови кое досега во нашата држава не се извршувале, тоа се на помалите зглобови на шаките, стапалата, како и секаде каде за таква работа имаме можност, рече Камнар.

Додаде дека во делот на развојната ортопедија особено во делот на детската ортопедија има импозантен развој во последните неколку години заедно со колегите од другите институции.

На отворањето на реновираните операциони сали присуствуваа генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, министри, директорите на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев и Орхан Рамадани, директори на клиники и повеќе здравствени работници

камнароперацииортопедијасали