Промените во крвта можат да предвидат малигно заболување!

Малите генетички промени кои настануваат во нашата крв можат да покажат дали ќе заболиме од рак во наредната декада. Научниците од Северозападниот универзитет од САД открија дека промените во теломерите ( заштитните делови лоцирани на краевите од хромозомите што се смалуваат со стареењето) можат да покажат дали личноста ќе заболи од рак 13 години пред да се појават првите симптоми на болеста.

Првата студија од овој тип покажува дека постои уникатна шема на промени во должината на теломерите што предвидува дали постојат шанси за развивање на болеста.

-Анализирањето на оваа шема може да доведе до откривање на биомаркер што го предвидува ракот. Забележавме дека постои силна врска помеѓу шемата и широка група на рак, па доколку се направат потребните тестирања може да се најде начин навремено да се дијагностицираат различни типови рак, вели водачот на истражувањето Лифанг Хоу.

За потребите на истражувањето биле набљудувани 792 здрави луѓе во периодот од 1999-та до 2012-та година. На крајот од овој период 135 од нив заболеле од најразлични типови рак. Анализирајќи ги нивните податоци научниците откриле дека можат да предвидат кој ќе развие рак, а кој не, набљудувајќи ја шемата на промени во должината на теломерите кај крвните клетки. Уште на почетокот од студијата, теломерите на оние кои подоцна биле дијагностицирани со рак се намалувале во должина многу побрзо од оние кои останале здрави. Во суштина теломерите на оние кои во иднина заболеле од рак изгледале 15 години постаро од оние кои не развиле некаква форма на рак.

истражувањекрвмалигни заболувањарак