По 30-тина пациенти дневно со алергии од полен бараат помош на Клиниката за Пулмологија. Цветањето на дрвјата кај некои граѓани предизвикало и компликации, а дел биле задржани и на болничко лекување.
-Најчести симптоми се на очите, печење, јадеж, солзење, но тука се и симптомите на носот, како што се често чивање во серија, секрет во носот, итн. изјави проф.д-р Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија.
Директорот на пулмологија и во наредниот период очекува уште поголем наплив на пациенти со пролетни алергии и затоа ќе продолжи да работи приоритетната амбуланта која пред 2 години беше отворена на Клиниката поради алармантното аерозагадување во државата.
-Таа амбуланта ќе продолжи да работи цела година и сите пациенти со алергии ќе бидат примени и соодветно истретирани, додаде проф. Докиќ.
Професорот Докиќ советува пациентите на кои им е дијагностицирано алергија на полен редовно да си ја земаат терапијата и да избегнуваат излегување на отворено кога дрвјата се најмногу расцветани, а оние кои прв пат се соочуваат со симптомите да се јават на лекар и стручно лице да утврди дали навистина станува збор за алергиска реакција или се работи за настинка.