Пристигнуваат нови дози „Астра Зенека“ и „Спутник“, над 223 илјади граѓани се целосно вакцинирани

Десет илјади вакцини на „Астра Зенека“ донација од Хрватска ќе стигнат денеска во земјава, а наредната недела се очекуваат и 10 000 од руските „Спутник“. На пунктовите се аплицираат вакцини од „Фајзер“ и кинеските „Синовак“ и „Синофарм“. Досега вакцина примиле речиси 335 илјади граѓани, а 223 илјади се целосно имунизирани односно со две дози.

Во претходното деноноќие беа регистрирани пет новозаразени со коронавирус од 2531 тестирање, 86 оздравени и еден починат – 76-годишен пациент од Виница.

Скопје има најмногу активни случаи (60), а двоцифрен број имаат и Тетово (14), Кичево (13), Охрид (11) и Куманово (10). Во 17 градови нема активни случаи на КОВИД-19 во вчерашната статистика.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека продолжува трендот од минатата недела на опаѓање на бројките на новодијагностицирани, но дека надлежните се многу внимателни во однос на следењето на состојбата со коронавирусот, пред сè, со индискиот сој кој се појави во повеќе земји. Ширењето на вирусот може да се спречи, рече Филипче, ако нема групирање и со свесност на граѓаните за почитување на мерките препорачани од Комисијата за заштита од заразни болести.

Рече дека сè уште нема дозвола за работа на затворените дискотеки и, веројатно, нема ни да има во текот на летото зашто е доволно во овој период тие да работат на отворено, со што ќе се избегне дополнително групирање.

Покрај почитување на мерките, важно е и вакцинирањето како  единствениот начин да се победи пандемијата. Министерот апелираше дека со вакцините ќе се заштитиме и ќе амортизираме евентуален нов бран наесен.

– Прашање на време е кога индискиот сој на вирусот ќе стане доминантен во Европа, затоа е важно што поголем број граѓани да се вакцинираат во овој период на стабилна епидемиолошка состојба. Вакцини има во доволна количина и сите се безбедни и ефикасни. Последните информации кои пристигнуваат од Европската агенција за лекови се дека вакцините се ефикасни и за новите соеви што ни влева многу надеж, напиша Филипче на Фејсбук.

Од почетокот на епидемијата минатиот февруари, бројот на КОВИД-дијагностицирани во земјава досега е 155 689. Оздравени се 150 063, починати 5485, а вкупно има 141 активен случај.