Повеќето тегоби, како утринската мачнина, може да се решат или барем да се ублажат со правилна исхрана.
Лошото варење може да биде чест проблем и да предизвикува мачнини и гадење во текот на целиот ден, не само наутро.
Причината за тоа е хормонот прогестерон кој во бременоста ја забавува работата на цревата.
Проблемите со варењето може да предизвикаат тврда столица и хемороиди, а за да ги ублажите овие тегоби треба да пиете многу вода, билни чаеви и природни сокови.
Исто така треба да внимавате да внесувате храна богата со растителни влакна, интегрални житарки и зеленчук. Одбегнувајте храна што содржи многу сол и/или шеќер, како и брза и конзервирана храна.
Кај трудниците може да се јави и анемија што се манифестира со умор, бледа кожа и главоболки.
Анемијата ја предизвикува ниското ниво на хемоглобин, па треба да јадете намирници богати со железо како црвено месо, риба, спанаќ, леќа, црвен грав и слично.
Мачнината и гадењето кај трудниците обично се јавува наутро, но тоа не е правило. Се препорачува наутро да се напиете лимонада без шеќер или чај од камилица или ѓумбир наместо кафе.