Седуммината гостиварци кои од среда се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести немаат хеморагична треска, покажале резултатите од лабораторијата во Институтот за јавно здравје. Од Министерството за здравство потврдуваат дека сите се во стабилна состојба и под мониторинг. По смртта на таткото и синот од Симница, надлежните не регистрирале нов случај на заразното заболување што го пренесуваат глувци. Со целосна дератизација во тој регион од страна на надлежните институции, велат дека ситуацијата е целосно под контрола. Но така не мислат и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои побараа за хеморагичната треска во гостиварско под итно да се расправа на собраниската анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот. Велат дека здравствените власти пред пратениците треба да дадат одоговори на многу прашања.
-Дали заразените лица биле правилно третирани? Како се случи да се загубат два човечки животи кога исти вакви случаи во минатото биле успешно лекувани и немало жртви, а уште помалку епидемии? Зошто дури после два смртни случаи Министерството за здравство излезе со официјално соопштение дека е можно да се работи за некоја сериозна заразна болест? Дали постојат пропусти во третирањето на заразените, дали имало соодветен регенс за навремено дијагностицирање?, изјави Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ
Претходно од ВМРО-ДПМНЕ побараа и оставка од министерот Арбен Таравари кој веќе неколку дена е на службено патување во САД. Изминатите денови на терен во гостиварско беа и Инситутот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство кои утре ги очекуваат резултатите од земените примероци на вода, храна и млечн и пропизводи.
Епидемиолозите предупредија дека повеќе региони во земјата се ендемски подрачја за појава на хеморагична треска со бубрежен синдром. Во април на Инфективна со оваа болест 20 дена бил хоспитализиран 55 годишен жител на Кочани кај кого по епидемиолошкото истражување не било утврдено кој е изворот на инфекцијата.