Националниот институт за јавно здравство на Косово (ИКШПК) објави дека во земјата е потврдено присуството на новиот сој Омикрон на коронавирусот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во синоќешното соопштение на Институтот се наведува дека девет од вкупно 22 тестирани примероци на заразени од Ковид-19 во периодот од 15. до 25 декември резултирале позитивни на новиот сој на вирусот, кој забрзано се шири низ светот.
Тестирањето, според објавата, е извршено со тестови РТ-ПЦР и дополнителни кит-ови добиени од Светската здравствена организација.
По два случаи на зараени со Омикрон допатувале во Косово од САД и од Велика Британија, еден е од Франција, додека останатите четири заразени лица, кои се од Митровица, според ИКШПК, не патувале надвор од земјата и немале контакти со лица кои допатувале од странство.
Во Косово веќе подолго време се регистрираат прилично ниски бројки на новозаразени и починати од Ковид-19. Така, изминатите повеќе од два месеца се евидентираат во просек по околу десетина новозаболени, односно од едноцифрена бројка до најмногу дваесетина дневно. Притоа, бројката на извршени тестирања со методот РТ-ПЦР е меѓу 1.500 и над две илјади дневно.
За илустрација, според вчерашниот дневен извештај на косовските здравствени власти, во последниот 24-часовен извештаен период се извршени 2.430 тестирања, од кои позитивни на коронавирусот резултирале 12 лица. Бројот на активни заболени во целата земја, според официјалните статистики, изнесува 349.
Значително е опадната и бројката на жртви на пандемијата и таа главно се движи од нула до најмногу двајца починати, при што, на пример, вчера беше евидентирана првата нова жртва по осум дена без ниту еден починат.
Сепак, и покрај ниските бројки, косовските власти предупредуваат дека е можно ново избувнување на епидемијата, посебно поради напливот на печалбари кои доаѓааат да ги поминат новогодишните празници во земјата.