11 октомври 2017 година е светски ден за борба против дебелината. Светската федерација за борба против дебелината оваа година го насочува вниманието кон зголемување на инвестициите од владите, професионалците од јавното здравје и давателите на здравствени услугиза справување со дебелината. Тоа значи инвестиции во превенцијата, раното препознавање и лекувањето на последиците од дебелината.
Лошата исхрана и слабата физичка активност се најважните фактори кои придонесуваат за епидемијата на зголемена телесна тежина и дебелина во светот. Ситуацијата во нашата држава сугерира дека тие проблеми се сè повеќе присутни и кај популацијата во Република Македонија. Податоците на Институтот за јавно здравје на РМ покажуваат дека 62,7% од мажите и 48,4% од жените на возраст над 18 години имаат зголемена телесна тежина, а дебели се 19,6 и 17,2 проценти од нив, соодветно. Согласно споредбените податоци од спроведувањето на Иницијативата на СЗО за следење на дебелината кај децата во Европа (COSI) во Македонија за 2010 и 2016 година, се гледа дека има зголемување на преваленцата на зголемена телесна тежина или дебелина во 2016 споредено со 2010 година и тоа кај машките деца од 37,9 на 39,4%, а кај девојчињата од 31,5 на 32,9%. Преваленцата на дебелина е зголемена кај момчињата од 19,5 на 20,5%, а кај девојчињата од 13,1 на 15,2%.
Спречувањето на појава на дебелината, како еден од најзначајните фактори на ризик за кардиоваскуларни болести, дијабет тип 2 и малигни болести, е комплексен процес кој не треба да е одговорност само на здравствените власти или личностите кои се соочуваат со него. Справувањето со овој проблем бара сеопфатна акција на повеќе сектори во општеството, односно пристап на „цела влада“ и „цело општество“.
Во делот на превенција од дебелина неопходно е да се спроведат инвестиции во:
- Едукација заради поддршка во креирањето на здрава околина;
- Осигурување на лесна достапност до здрава храна преку подобрување на локалната околина поврзана со храната;
- Подобрување на локалната инфраструктура која ќе обезбеди можност за активен транспорт и физичка активност заради задоволство;
- Интервенции на пазарот во насока на поддршка на здрави избори во исхраната;
- Промоција на здравјето во текот на целиот живот заради заштита на здравјето на сегашната и на идните генерации.
Во делот на справување со дебелината, неопходно е да се спроведат инвестиции во:
- Изработка и спроведување на национални водичи за препознавање и нега на луѓето погодени од зголемена телесна тежина и дебелина, особено на оние од ранливите групи;
- Бесплатни консултации за дебелина во примарна здравствена заштита;
- Здравствен персонал обучен за консултации со пациенти и избегнување на стигматизација поврзана со тежината;
- Групни и индивидуални услуги за луѓето со проблеми со тежината;
- Поддршка на ниво на семејство, училиште или работно место;
Луѓето кои имаат зголемена телесна тежина или се дебели живеат со специфичен инвалидитет и со намален квалитет на живот. Појавата на болести кај нив е поизвесна и носи ризик од предвремена смртност.
Институтот за јавно здравје ги повикува здравствените власти на централно ниво да го дадат потребното внимание на овој сѐ поизразен ризик фактор во нашата држава. Институтот ги повикува и сегашните и идни институции на локално ниво, да вложат дополнителни напори во насока на обезбедување на животна околина за своите граѓани која ќе промовира здравје и ќе ги заштити од предвремена појава на незаразни болести.