Покрив што прокапува, застарени стерилизатори, недостаток на кадар – Што открија инспекторите на Гинекологија?

Низа недоследности во однос на просторните и кадровските услови и опременоста, констатирале инспектори на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) по извршениот вонреден инспекциски надзор на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК).

Како што соопшти директорката на ДСЗИ Ирина Сотирова Бухова, вонредниот надзор е спроведен на барање на директорката на ГАК Викторија Јовановска.

– На Одделението за интензивна и постинтензивна нега има зголемен обем на работа во однос на кадровските и просторните капацитети. Сместени се по две новороденчиња во еден инкубатор, односно во 25 инкубатори во моментот имало 49 новороденчиња. Во Одделот за интензивна и постинтензивна нега нема доволен број медицински сестри. Во прва смена за новороденчињата се грижат четири сестри и двајца неонаталози. Во втора смена се ангажирани четири сестри, двајца неонатолози и еден педијатар. Клиниката има недостаток од анестезиолози, медицински сестри, акушерки и сестри инструментарки, рече директорката на ДСЗИ.

Таа посочи дека вкупно на ГАК се вработени 300 лица, од кои 86 се доктори-специјалисти, 125 акушерки, 60 медицински сестри и 29 лаборанти. Според неа, оваа бројка не ги задоволува капацитетите со кои функционира клиниката.

Недоследности инспекцијата констатирала и на фитолошката лабораторија, особено во однос на недостиг на кадарот. Како што кажа Бухова, двајца специјалисти по патохистологија дневно вршат прегледи на 30 до 40 пациенти по доктор, а добиваат и 350 до 400 материјали од матичните гинеколози од целата држава. При примањето, како што посочи Бухова, материјалите не се заведуваат електронски и во пишан дневник, туку по завршената анализа.

Инспекторите утврдиле и дека има недоволен капацитет на системот за вентилација за свеж воздух и на системот за терморегулација, дека протекува покривот на зградата на клиниката поради што е констатирано присуство на влага во дел од клиниката, дека се користат стари стерилизатори за пелени, како и во лактариумот не е обезбедена проточна вода.

– За сите овие санитарно-технички забелешки, на ГАК ќе и се издаде решение со точни временски рокови во кои ќе мора да бидат санирани сите наведени забелешки, нагласи Бухова.

Директорката на ГАК Јовановска истакна дека веќе се почнати активности за надминување на овие проблеми од страна на Владата и Министерството за здравство. Им било најавено дека ќе обезбедат нови 15 инкубатори за ГАК, како и пет кои ќе бидат во болниците во внатрешноста за да може да се префрлат во матичните установи бебиња кои се веќе извлечени од кризата.

Таа нагласи дека проблемот со недостиг од кадар ќе се решава веднаш по изборите со вработување на нови доктори, сестри, педијатри и анестезиолози. Посочи дека проблемите на клиниката се наследени и се стари повеќе години, а го побарала ова за да може да се добијат препораки со временски рокови кои треба да се отстранат.

На новинарско прашање дали ваквите констатирани недоследности на ГАК може да бидат причина за големата смртност кај новороденчињата, Бухова изјави дека секое новороденче е посебен случај и постојат повеќе фактори кои доведуваат до смртност, но, вели, неисполнетоста на условите можно е да влијаат.

– Треба да се има предвид дека поголем број од смртните случаи се деца родени со ризик или од ризична бременост, вели Бухова.

ГАК е единствена институција во државата која се грижи за пациенти со ризична бременост и за предвремено родени деца. Од ГАК информираат дека годинава заклучно со 30 септември на клиниката починале 127 бебиња.

гакдсзиинкубаторикадаропремапопуларно