Дали требаше да згасне млад живот за министерството за здравство да го набави лекот кој можеби ќе помогнел да се спаси пациентот? Ова прашање се погласно се поставува во јавноста по смртта на 15 годишното момче од Скопје за време на операција на колената на Трауматологија и најавите на министерот Филипче дека лекот кој се дава како прва помош за малигна хипертермија ќе го обезбеделе како донација. Првиот човек во здравството изјави дека направиле напори лекот што поскоро да биде донесен во земјава.
-Овој лек очекуваме да го добиеме како донација од американска фондација во текот на следната недела, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Тој објаснува дека лекот Дантролен ќе биде внесен во земјава преку интервентен увоз и законот дозволувал на овој начин да немора да биде регистриран што според лекари од Клинички било причина зошто го немале на хирургија.
Истиот лек идната недела ќе го добиеле и во некои приватни болници, а во моментот од министерството тврдат дека во државата никаде го нема.
Останува отворено прашањето дали надлежните ќе ги испитаат шпекулациите како овој лек бил користен во приватното здравство пред неколку години од кој наводно било спасено дете од истата комликација од инхалациониот анестетик.
Од институтот за судкска медицина вчера изјавија дека најрано за три недели ќе можат да ја утврдат точната причина за смрттта на момчето кое во вторникот се повредило на физичко и итно требало да биде оперирано, но после анестезијата состојбата се искомплицирала и тинејџерот починал. Лекарите се сомневаат дека станува збор за малигна хипертермија, состојба со која како што тврдат досега не се сретнале во пракса.