По морбили, дали на државата и се заканува епидемија и од други опасни заразни заболувања?

Одбивањето и пролонгирањето на задолжителните вакцини за децата на голема врата ги вратија опасните заразни заболувања. Во 2018 година биле регистрирани дури 32 заболени од голема кашлица, кај народот позната како магарешка. Тоа е најголем број регистриран изминатата деценија, односно петпати повеќе од 2011 кога имало 6 случаи а во 2013 во Институтот за јавно здравје стигнала само една пријава. Повеќе од половината се бебиња кои биле хоспитализирани на Клиниката за детски болести поради сериозни комликации од болеста. Педијатрите апелираат родителите да не ја одложуваат дитепер вакцината за да не ги изложуваат новороденчињата на опасност.

-Календарот е направен така за оваа ризична група да биде опфатена со овие вакцини. Не е само МРП, родителите ги одложуваат и  пето и шестовалентните вакцини и затоа имаме појава на овие болести. Голема кашлица во оваа возраст е многу опасна. Со тешка клиничка слика завршуваат на Интензивна нега а може да има и фатален изход. Во други земји бремените жени ги вакцинираат со пертусис за да ги заштитат доенчињата, вели Катерина Ставриќ, директор на Клиника за детски болести.

Но не е проблем само големата кашлица. Лекарите апелираат дека се повеќе има и случаи на заразни заушки. Минатиот месец биле регистрирани тројца заболени меѓу кои и 14 годишно дете кое било комплетно вакцинирано. Во ИЈЗ за 2018 година биле пријавени 28 заразени.

-Тоа е дел од МРП вакцината. Сега има епидемија од морбили а може да дојде и до епидемија на заушки. Иако изминатите три месеци беа вакцинирани голем број на деца, сепак сеуштењ има многу невакцинирани, вели Ставриќ.

Во меѓувреме расте бројот на заболени од морбили а во 6 градови меѓу кои и Скопје е прогласена и епидемија. На Детската клиника во моментот имаат хоспитализирано девет бебиња со мали сипаници, од кои најголем број заразата ја добиле од нивните мајки кои не биле вакцинирани.

Во градинка не примаат деца кои не се имунизирани а министерот за здравство најави дека тоа ќе го бара и при уписите во училиште кои почнуваат во мај.

епидемијазаушкикашлицаморбили