Пет работи кои никако не смеете да ги криете од гинекологот

Може да заврши кобно по вашето здравје

Интимното здравје за жените е многу чувствителна тема, па за некои работи не сакаат да зборуваат ниту со својот лекар. Сепак, одредени работи и навики жените никако не би смееле да ги премолчат на гинекологот.

Без разлика дали се тоа некои детали кои лесно ги заборавате или за кои се двоумите да ги раскажете, вашиот гинеколог би требало да биде информиран за комплетната слика на вашата здравствена состојба.

За да им пружат на жените адекватна помош, совет или препорака, на лекарите им се потребни бројни, често многу интимни или наизглед небитни информации.

Ви донесуваме листа на работи кои жените најчесто им ги премолчуваат на гинеколозите, а не би требало.

ДОБРО ЧУВАНИ ТАЈНИ ЗА СЕКСУАЛЕН ЖИВОТ

Ова се однесува на бројни тајни кои жените најчесто ги делат со својот психолог или со најдобрата пријателка. Тоа се однесува на евентуални афери со оженети мажи, спиење со повеќе партнери или незаштитен секс. Сепак, овие работи треба да му се кажат на гинекологот поради евентуалните анализи на сексуално преносливи болести, бидејќи, покрај тоа што лекарот може да забележи одредени симптоми на инфекции по пат на прегледи или преку ПАП-тест, некои симптоми на опасни инфекции можат да останат незабележани.

ОПАСНИ НАВИКИ

Жените често забораваат да му спомнат на лекарот дека се пушачи. Многу е важно вашиот гинеколог да знае за овој нездрав порок, без оглед на тоа колку ви трае една кутија цигари. Пушењето е еден од главните фактори кои влијаат на тоа дали ХПВ (хуманопапилома вирусот) ќе прерасне во облик на рак. Исто така, пушењето доведува до поголем ризик од настанување на тромбови, срцеви и мозочни удари кај жените постари од 35 години кои пијат таблети за контрацепција.

РАБОТИ КОИ СЕ ОДНЕСУВААТ НА ОПШТАТА ЗДРАВСТВЕНА СОСТОЈБА

Жените често забораваат да ги спомнат најновите промени кои се врзани за здравјето, без разлика дали некој од семејството имал тешко заболување, или дали почнале да користат некои нови лекови. Гинекологот би требал да биде упатен во комплетната здравствена состојба на пациентката, дури и ако нема директна врска со гинеколошките проблеми.

Исто така, наследниот фактор игра многу важна улога во настанувањето на заболувањето или во предиспозициите за болестите. Се што мислите дека може да биде од важност споделете го со гинекологот, а тој ќе процени колку е релевантно.

ЧЕСТИ ПРОБЛЕМИ КОИ СТАНАЛЕ ВООБИЧАЕНИ

Болката во текот на сексуалниот однос или тешкото задржување на урината, се некои од темите кои жените не сакаат да ги делат со никого. Сепак, лекарот би требало тоа да го знае бидејќи тие можат да бидат симптоми на инфекции, нарушувања или на заболувања. Обратете се кај својот гинеколог доколку чувствувате каква било непријатност во врска со своето тело и ќе ви препорача адекватна терапија.

ДЕТАЛИ ОД СПАЛНАТА СОБА

Проблеми кои треба да се кажат на лекарот се и оние кои се врзани за ситуациите во спалната соба, иако вам можеби ви се чини дека тоа е нешто што не би требало да излезе од рамките на партнерскиот однос.

Вашиот гинеколог можеби е вистинската личност со која би разговарале за сексуалните проблеми што ве мачат. Лекарот може да ве упати на терапија за двојки или кај секстерапевт доколку утврди дека е неопходно.

гинекологздравјекриетајни