Пет деца со хемофилија терапија имаат само за до крајот на април, а нов тендер не бил распишан!

Деветгодишниот Матеј една недела не одел на училиште зошто немал од неопходната терапија за хемофилија. Морал да мирува за да не дојде до компликации по здравјето. Истото може да се случи и повторно ако навреме не го добие потребниот фактор за коагулација на крвта. Неговиот и животот на уште четири други деца е во опасност зошто од лекот имаат само за до крајот на април, а нов тендер не бил распишан.
-Набавката не била извршена на време и сега ако не се изврши ќе останеме во иста ситуација, изјави Соња Димовска, мајка на Матеј.
Од Здружението на хемофиличари алармираат дека во животозагрозувача состојба се уште шеесетина други пациенти со тешка форма на хемофилија. Добивале редуцирана терапија само ако имаат крварење.
-Имаме пациент во Битола со хемофилија кој има крварење во желудникот и без терапија животот му е доведен во прашање, изјави Лилјана Рајчевска, претседател на Здружението на хемофиличари на Македонија.
На светскиот ден здружението на хемофиличари побара системско решение за редовна терапија на пациентите, а не да се оставаат без неопходниот фактор зошто тендерите пропаѓале. Во земјава со хемофилијха живеат околу 320 лица.

децакрвтендертерапијафакторхемофилија