Пациентите со шизофренија и депресија во Македонија ги лекуваат со застарена терапија

Со застарена терапија ги лекуваат пациентите на Клиниката за психијатрија. Повеќе од една деценија има само еден нов лек за шизофренија на позитивната листа. Но, и тој го добиваат лимитиран број на болни, поради ограничениот буџет од Фондот за здравство. Оние кои приватно го купуваат месечно издвојуваат и по 20.000 денари. Слична е состојбата и со третманот на депресија.
Од Клиниката признаваат дека новите лекови не им се достапни.

– Во моментов користењето нови лекови не се најдостапни. Има само еден лек од новата генерација што го користиме и за уште еден лек чекаме одобрение од Фондот за здравствено осигурување, истакна д-р Стојан Бајрактаров, директор на Клиниката за психијатрија.

Од друга страна бројот на пациенти со ментални растројства на Психијатрија е во постојан пораст. Годинава во амбулантите имале над 15.000 прегледи, што е за 10 проценти повеќе од лани.

-Во пораст се и растројствата кај децата, додаде Бајрактаров.

Состојбата со менталното здравје во Македонија надлежните ќе ја подобруваат со повеќегодишна стратегија која меѓу другото предвидува реновирање и зајакнување на психијатриските болници, како и отворање повеќе Центри низ  државата. Во моментот ги има 5, а според европските стандарди недостигаат трипати повеќе.

амбулантадепресијаклиника за психијатријалековитерапијашизофренија