Пациенти со малигни заболувања од понеделник ќе добиваат здравствени услуги во новиот ПЕТ Центар

Од понеделник ПЕТ центарот ќе ги отвори вратите за пациентите. Прегледите ќе ги закажуваат преку Мој Термин. За почеток ќе им даваат здравствени услуги на 4 до 5 заболени од малигни заболувања. Постапката за дијагностика ќе трае околу два часа. Со апаратурата ќе може да се открие и една малигна клетка во организмот а исто така ќе следат и дали е ефикасна терапијата што ја зема болниот.

-Склучивме договор и со Фондот за здравствено осигурување. Има дијагностика за малигни и други сериозни и тешки заболувања, вели Емилија Јаневиќ Ивановска, директор на ПЕТ центар

ПЕТ центарот е единствен од ваков вид во регионот кој ќе произведува радиоизотопи за дијагностика на пациентите. Кадарот кој работи во новиот објект поминал обука во реномирани странски центри.

-Го изградивме од темел, според сите стандарди на МААЕ, најреномиран и најкапитален објект, вели Никола Тодоров, министер за здравство

Во посета на новиот ПЕТ центар денеска беше и генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, кој потврди дека се исполнети условите за почеток со работа и сите процедури ќе бидат по меѓународни стандарди.

-Оваа институција покажа дека е способна да биде тренинг центар. Двомесечна обука се одржа за фармацевтите од африканските земји и беше целосно поддржана од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија,изјави  Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Јукија Амано.

дијагностиказрачењеизотопималигни заболувањапациентипет центар