Грипот кој и натаму владее во Хрватска, досега одзеде 45 животи. До 27 јануари, регистрирани се дури 28.664 заболени од опасниот грип кој што владее во оваа земја веќе две недели.
Најмногу починати биле лица над 65 години, и имале една или повеќе хронични болести.
Најмногу случаи на грип 11.100 се евидентирани минатата недела, што укажува дека епидемијата е на врвот. Обично епидемијата на ваков грип трае неколку недели, пренесува „Индекс“.
Во Црна Гора како последица на грип за седум дена починаа пет лица, а меѓу нив е и двегодишно момче.
Црногорскиот Институт за јавно здравје соопшти дека 45-годишна пациентка е петтата жртва на грип оваа сезона. Претходно почина и двегодишно дете, како и три постари лица, пренесе РТЦГ.
Од Институтот соопштија дека бројот на заболени од грип од 21 до 27 јануари е зголемен двојно во однос на две недели претходно. Како што се наведува, пријавени се 386 случаи на лица со симптоми на грип.
„Се наоѓаме во почетна фаза на епидемија на грип и очекуваме епидемијата да го достигне врвот во следните недели по што бројот на заболени постепено ќе опаѓа“, наведуваат епидемиолозите.