Од 416.614 вакцинирани со две дози 167 се заразиле со Ковид-19, од нив 11 се хоспитализирани

Министерството за здравство информира дека заклучно со 5 август, од 416.614 лица вакцинирани со две дози на вакцина против Ковид 19, 167 лица се заразиле 14 дена по примена втора доза вакцина, а само 11 од нив биле хоспитализирани. Ова е показател дека бројот на заразени од вакцинирани е многу мал, што потврдува дека вакцината е корисна, односно е единствениот начин да се смени сликата зa пандемијата. Според последната анализа во период од 1 до 31 јули, регистрирани се вкупно 809 случаи на позитивни од тестирани за Ковид 19, од нив 82 лица се заразиле по поминати повеќе од 14 дена после вакцинација со втората доза. Ова укажува на фактот дека вакцината е ефикасна само кога се примени две дози и кога од примената втора доза има поминато повеќе од 14 дена. Само 10% од сите активни случаи во јули, се заразиле со ковид по примена втора доза. Помеѓу позитивните, има вакцинирани со Синофарм, Астра Зенека, Спутник В, Фајзер, а меѓу нив има и заразени кои се вакцинирале во странство со вакцината на Модерна.

Министерството за здравство апелира дека во овој период важно е граѓаните да покажат што поголем интерес за вакцинација и да се вакцинираат, бидејќи само со колективен имунитет може да се спречи мутирањето на вирусот СарсКов 2 и неговото рапидно ширење. Во нашата земја се уште е доминантна британската варијанта на вирусот, но со оглед на брзото ширење на делта, како во светот така и во регионот, многу брзо истиот може да се прошири и кај нас. Досега во земјава се детектирани 30 тина случаи на делта варијантата.

Во државата има доволно вакцини, а сега на најбрз начин може да се дојде до термин за вакцинација. Во моментов за прва доза имаме 80.000 Синовак, 50.000 Aстра Зенека и 70.000 Фајзер.