Основното јавно обвинителство оцени дека нема основа за барање кривична одговорност во предметот за МРП вакцините со поминат рок.
Се работи за предмет кој беше отворен по допрен глас и се однесуваа на неправилности околу увозот, рокот на употреба и евентуално предизвикани штетни последици од вакцините.
Од ОЈО денеска информираа дека се направени проверки во „Македонија лек“ кој е увозник и дистрибутер на вакцината МРП, и се испитувало кога бил направен увозот на оваа вакцина, која количина била увезена, од кого и од каде била истата увезена, до кога бил рокот на употреба на увезените вакцини, дали етикетите на пакувањата од вакцините биле дополнително залепени, а доколку било така, од кои лица биле залепени и кои биле причините за тоа или пак вакцините биле доставени со залепени етикети, како и на други околности за набавка и дистрибуција на предметните вакцини.
Проверки биле направени и во Агенција за лекови и медицински помагала – МАЛМЕД, за тоа дали оваа Агенција извршила контрола врз увозот, дистрибуцијата и употребата на предметните вакцини, доколку бил извршен таков надзор, што било констатирано, дали биле констатирани евентуални неправилности во однос на „рокот на важност“ на вакцините, дали било констатирано кога се залепени етикетите на вакцините, а доколку евентуално биле дополнително залепени, кој го направил тоа и од кои причини, дали е дозволено евентуално такво дејствие од страна на увозникот на лекот, дали овие вакцини биле употребени, дали имало констатирано штетни последици од вакцините кај одделни пациенти, дали вакцини со евентуално дополнително залепени етикети може да бидат пуштени во промет, дали овие вакцини биле пуштени во употреба во Здравствените домови во Република Македонија, како и други релевантни околности.
Во рамки на истрагата за овој предмет испратен е и примерок од овие вакцини за вештачење во Paul Enrlich-Институтот од Ланген, Германија. Се работи за лекот Priorix од производителот GlaxoSmithKline Biologicals S.A-Ринсенсарт, Белгија со рок на употреба 05/2019, примен од Македонија Лек ДОО Скопје на 3.04.2018 година со неточни податоци на дополнителната налепница на македонски јазик, залепена на надворешното пакување, меѓутоа од наведеното несовпаѓање не може да се констатира дали конкретниот лек е штетен.
„Со добиените резултати од испитувањето од Paul Ehrlich Институтот од Ланген, Германија се потврдува фармацевтскиот квалитет на лекот и констатирано е дека испитуваниот примерок на препаратот Priorix прашок и вехикулум за раствор за инјектирање во однос на испитаните параметри одговарал на барањата на спецификација на квалитет на производителот“,се вели во соопштението од ОЈО.
Врз основа на истрагата, Основното јавно обвинителство Скопје го известило Министерството за внатрешни работи и Здружението на граѓани за заштита на човековите права „Здравје со игла не влегува“ кое поднело кривична пријава за случајот дека нема да преземе понатамошно кривично гонење.