Новите истражувања покажуваат: Загадениот воздух ја зголемува стапката на депресија и бројот на самоубиства

Во средините во кои постои загаден воздух, зголемена е стапката на депресија и самоубиства, покажува новото истражување.

Постои претпоставка дека изложувањето на загаден воздух предизвикува случаи на депресија, се наведува во истражувањето. Иако научниците веруваат дека таа претпоставка е веројатна, истата е тешкo да се докаже, пренесува “The Guardian”.

Загадувањето кое било анализирано во студијата се однесува на загадувања настанати од согорување на фосилни горива во возилата, куќите и индустриите.

Истражувачите навеле дека новите докази ги зголемуваат повиците за борба против она што Светската здравствена организација го нарекува “тивка вонредна здравствена ситуација” поради загадениот воздух.

“Покажавме дека загадувањето на воздухот може да нанесе значајна штета на нашето ментално здравје, поради што воздухот кој го дишеме под итно мора да го направиме почист”, изјавила Изобел Брајтвајт од Универзитетскиот лондонски колеџ (UCL) која го водела истражувањето.

Исполнувањето на границите на ЕУ би можело да донесе големи резултати, додала Брајтвајт.

“Со тоа би се спречиле околу 15 отсто од случаите на депресија, под претпоставка дека постои причинско-последична врска. Тоа би имало многу големо влијание бидејќи депресијата е сè почеста болест и нејзиниот број на случаи сè повеќе се зголемува”, навела таа.

Според наводите на Светската здравствена организација, повеќе од 264 милиони луѓе боледуваат од депресија.

“Знаеме дека најситните честички од нечистиот воздух можат да дојдат до мозокот и крвотокот и низ носот, а загадувањето на воздухот е поврзано со зголемениот ризик од менингитис, оштетување на нервните клетки и зголемено лачење на хормон на стрес кои пак се поврзуваат со влошеното ментално здравје”, заклучила Брајтвајт.

Едно истражување објавено во списанието “Environmental Health Perspectives” користело строги критериуми за избор и соединување на податоци од 16 земји објавени до 2017 година. Истражувањето открило силна статистичка врска помеѓу токсичниот воздух и стапката на депресија и самоубиства, а тоа го потврдува и неодамнешната студија која го поврзува загадувањето на воздухот со исклучително високите стапки на смртност кај лицата со ментални нарушувања и зголемен ризик за појава на депресија кај тинејџери.

депресијазагаден воздух