Околу 1000 лица од социјално ранливи категории бесплатно ќе добиваат по два оброци дневно преку првиот систем за донирање храна “Сите сити “. За почеток системот ќе функционира во Скопје, а од идната година се планира да се прошири и во други градови. За почеток вишокот прехрамбени продукти од рестораните, пекарите, фабриките и продавниците за храна преку 14 невладини организации ќе стигнува до гладните кои неможат да си обезбедат оброк.
-Развиена е транспортна и дистрибуциска мрежа, во зависност од видот на храната и потребата на корисниците, развиена е веб платформа за поврзување на бизнисите и донаторите со граѓанските организации за видот на храната, количините и кога можат да бидат преземани, изјави Блаже Јосифовски од „Ајде Македонија“.
Новиот систем за донирање храна доби подршка и од странски амбасади во земјава.
-Еден од поголемите предизвици за Македонија е како да се надмине проблемот со недостиг на храна, фактот што секој петти Македонец нема пристап до потребната количина, и, како што рече, таа наместо да завршува на отпад да се донира, изјави Сибил Сутер Тејада, амбасадор на Швајцарија во Р. Македонија.
– Оваа програма е добар пример како може да се работи заедно – граѓанскиот сектор, бизнисите и владата за подобрување на состојбата на граѓаните, изјави Џес Бејли, амбасадор на САД во Р. Македонија.
Наредниот период се планира во системот да се влучат и граѓаните кои сакаат да донираат храна. Статистиките покауваат дека во отпад завршуваат илјадници тони храна, а 450.000 граѓани во земјава неможат да си ги дозволат сите оброци.