Нов протест за скандалот на Онкологија

Одговорност за згаснатите животи и детали од истрагата, денеска, повторно ќе се бара на протест пред Владата. Организаторите преку социјалните мрежи повикуваат заедно во еден глас да се искаже гневот и револтот против, како што велат, целиот криминал кој со години тлеел на клиниката, но и во целосниот здравствен и политички систем.

На претходните нивни протести порачаа дека бараат задоволување на социјалната правда, и тоа е возможно само ако се понесе одговорност за згаснувањето на животите на луѓето како резултат на корупцијата.

Минатата недела Собранието го утврди составот на анкетната комисија, која ќе треба да ги истражува обвинувањата за случајот. Со комисијата ќе раководи пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи.

Од обвинителството последно соопштија дека тим од обвинители од Јавното обвинителство минатата недела бил во косовското Обвинителство и оствариле директна средба за обезбедување докази во врска со предистрагата. По наредба на јавен обвинител, во тек е финансиска истрага и детална ревизија на економско-финансиското функционирање на Клиниката.