Отворањето на државен траума центар ќе почека уште најмалку една година.
Најавите дека тој ќе биде на местото во ГОБ 8-ми септември каде до лани беше сместена кардиохируршката болница на Жан Митрев, ќе биде пролонгирано поради инфраструктурните проблеми на болницата. Според информации на Сител, министерството за здравство треба да го предаде просторот од 4000 метри квадратни на болницата која и ќе раководи со Центарот.
Како што дознаваме, 8-ми септември и да ги добие просториите, привремено таму ќе ги пресели хируршките сали за во меѓувреме да го реновираат оперативниот блок. Од болницата велат дека се принудени ова да го направат бидејќи салите повеќе од 40 години никој не ги реновирал и се во очајна состојба.
За траума центарот со месеци се зборува во лекарските кругови, а го најавуваше и претходниот министер Арбен Таравари.
За болницата да управува со Центарот треба да вработат по еден торакален и васкуларен хирург како и средно медицински кадар.
Покрај траума имаше најави и за центар за гангрена каде на едно место требаше да бидат згрижени и третирани пациенти со ваков здравствен проблем. Но и од овој проект засега ништо.