Нема сини картони – На лекар ќе се оди со лична карта или пасош!

На пациентите од денеска нема да им треба син картон за преглед или за подигнување лек во аптека. Потребна им е единствено електронска здравствена картичка (ЕЗК) без оглед дали и е истечен рокот или здравствена книшка, или лична карта, патна исправа, само за да се провери дали се здравствено осигурени. Ако е осигуран пациентот ќе ги добие сите здравствени услуги.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Арбен Таравари на прес-конференција по средбата со министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, со директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Данаил Дончев и Орхан Рамадани, претставниците на Лекарската комора на Македонија и „МојТермин“ и Здружението на приватни лекари.

Според Таравари, тие кои немаат електронската здравствена картичка треба да ја подигнат во подрачната единица на Фондот.

– До крајот на годината на една петтина или една шестина од картичките ќе им истече рокот. Дотогаш се надевам ќе најдеме решение за картички кои ќе немаат сертификат. За овие што ги користиме не сме ние виновни, туку тој што во 2012 година нарачал картички во кој чипот е ограничен на пет години. Незнам зошто чипот кој се користи во картичките е ограничен на пет години. Можеле да побараат на 10,15, 20 години, на неограничено. Има институции кои ќе треба да го докажат тоа зошто било на пет години, зошто граѓаните трошеле пари, посочи Таравари.

Воопшто нема да има сини картони, рече Таравари и додаде дека размислуваат за многу подобро идејно решение. Веќе идната недела, потенцира, ќе имаме средба со министрите за внатрешни работи и за информатичко општество и администрација заедно со директорите на ФЗОМ да изнајдеме кое би било најдоброто и најрационалното решение за сите граѓани, а доаѓаат предвид повеќе решенија.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека ќе побараат одговорност зошто се пуштени во оптек сините картони.

– Ако е осигуран пациентот ќе ги добие сите здравствени услуги. Незнам зошто толкава паника дека требаат сини картони. Сакаме да ги тргнеме и рецептите и целата хартија од здравството. Меѓутоа ќе ни треба сертификат да имаат сите нови картички со кои лекарот нема да има потреба да се потпишува на хартија, истакна Таравари.

На прашањето зошто дел од аптеките им барале на пациентите сини картони за подигнување лекови и дали од ФЗОМ добиле таква наредба, Рамадани рече дека од Фондот не е дадена таква наредба, дел аптеките сами постапиле така и ќе сносат одговорност.

картичкилекарпациентисин картонтараварифзом