Недостасуваат логопеди во здравствените институции во земјава, во неколку општини нема ниту еден логопед – ова беше истакнато на првата стручна конференција на тема „Аугментативна и алтернативна комуникација“ која одржи по повод Европскиот ден на логопедијата – 6 март.
Здруженијата побараа здравствените власти посериозно да го сфатат и да го решат овој проблем.
Одбележувањето на Европскиот ден на логопедите ни овозможува да покажеме дека логопедите низ цела Европа имаат заедничка цел и дека работиме заедно за да направиме динамично влијание врз промовирањето на здравјето и благосостојбата кај децата и возрасните со нарушувања на комуникација, истакна Силвана Филиповска, директорката на скопскиот Завод за рехабилитација на слух, говор и глас.
Таа ја даде изјавата на денешната прва конференција по повод европскиот ден на логопедијата на тема „аугментативна и алтернативна комуникација“, нагласувајќи дека во последните неколку години бројот на деца со нарушувања во говорно-јазичниот развој драстично се зголемува, па така според последните истражувања околу 60 отсто од децата спаѓаат во таа категорија.
– Оттука јасно е дека потребата за логопеди се зголемува, а со тоа се зголемува и важноста на оваа професија, вели Филиповска, посочувајќи дека денес во Заводот, за жал, постојат само две одделенија, одделение за логопедија и одделение за сурдологија и во него има вработено 42 лица, кои ниту од далеку не ја задоволуваат потребата на пациентите.