Честите патувања, викенд одмори на море или на езеро, на планина или на река, значат и поголема изложеност на организмот на надворешни влијанија и зголемена појава на алергии и вирусни заболувања. Затекнати од несакани ситуации за време на одмор или уште во рамките на самата подготовка за летните одмори, а со цел превенирање од несакани ситуации, неретко се пристапува кон консумирање лекови и медикаменти без притоа да се има основни знаења за влијанието на лековите врз способноста за управување со моторно возило, информира РСБСП.
„Денес, фармацевтската индустрија, преку локалните веледрогерии, нуди широка палета лекови кои на човекот му служат за заштита на неговото здравје и за лекување на болести и заболувања. Од страна на фармацевтската индустрија, во упатството на секој лек, доколку тој има влијание врз способноста на возачот да управува со моторно возило или со работна машина, експлицитно е наведено дека при терапија лицето не смее да управува со возило или со работна машина. Но, и лековите кај кои во упатството не е наведена ваква забрана, може да имаат несакани штетни придружни појави што не можат да се предвидат, појави што можат да бидат причина за загрозување на безбедноста во сообраќајот.
Влијанието на лековите врз психофизичката способност на возачот зависи од повеќе фактори. Покрај изборот на лекот, важен е и начинот на неговата употреба. Не е сеедно дали лекот се зема повремено или во подолг временски период, во нормални, зголемени или пак претерани дози. Еден од поважните фактори во потрошувачката на лекови од страна на возачите е секако и степенот на сообраќајно – здравствената култура. Возачите треба на сите можни начини да бидат добро информирани за ризикот што го преземаат врз себе со употребата на лекови (оние кои ја менуваат реактибилноста на нивниот организам). Познато е дека изменетата реактибилност, во одредена ситуација, сигурно ја загрозува безбедноста на сообраќајот.
Според истражувањето што минатата година го спроведе РСБСП со партнерите , дури 76,2% од вкупниот број анкетирани возачи, истакнаа дека за време на одредена терапија, односно кога користат лекови, се вклучуваат во сообраќај како возачи на моторно возило. Околу 38,1% од возачите, управуваат моторно возило под дејство на лекови, иако знаат како дејството на лекот се одразува врз нивните способности за управување со моторно возило. Загрижува податокот дека истата појава се јавува и кај околу 26,5% од вкупниот број анкетирани професионални возачи. Тие и покрај тоа што знаат и се доволно свесни дека професионалната етика не им дозволува да управуваат со моторно возило под дејство на лекот што го користат, сепак се одлучуваат да се вклучат во сообраќај.
Големиот процент возачи кои се вклучуваат во сообраќај под дејство на одредени лекови, укажува на тоа дека влијанието на лековите врз нивната способност за управување со моторно возило се потценува, односно влијанието на лековите врз безбедноста на сообраќајот, од страна на учесниците во сообраќајот, не се сфаќа сериозно. Исто така, може да се констатира дека лекарите недоволно ги информираат своите пациенти за влијанието на лекот што им го препишуваат врз нивните способности за управување со моторно возило, односно не ги едуцираат и не ги предупредуваат за сериозноста од последиците што можат да настанат доколку управуваат моторно возило за време на терапијата.
Со цел безбедно учество во сообраќајот и елиминирање на потенцијалните ризици и закани за безбедноста во сообраќајот, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со корисни совети:
Пред и за време на патувањето да не се користат лекови на „своја рака“. Задолжително пред да се земат лекови да се консултирате со лекар или со фармацевт и да се информирате за влијанието на лекот врз психомоторната активност на организмот.
Антихистаминиците, популарно познати како лекови против алергии имаат седативно дејство и ја намалуваат психомоторната способност на возачот.
Строго е недозволиво истовремено консумирање седативи (лексилиум, дијазапам, хелекс) и други слични лекови со психотропно дејство и алкохол.
Доколку имате неопходна потреба од консумација на лекови кои влегуваат во групата на психотропни супстанции, задолжително запрето го возилото, одложете го патувањето или препуштете го управувањето со возилото на лице кое е во соодветна кондиција, или организирајте алтернативен начин на патување.
Различните психотропни супстанции (лекови), различно влијаат врз психомоторните функции на човечкиот организам. Заедничко за сите, е што имаат ограничувачко влијание врз способноста за управување со моторно возило. Ефектите од користењето лекови кои влегуваат во оваа група се разликуваат и се манифестираат на различни начини, во зависност од нивното дејство на централниот нервен систем. Научните истражувања покажуваат дека:
Седативите го забавуваат времето на реакција, ја нарушувааат перцепцијата за време и за далечина и ја намалуваат способноста за координирано и истовремено извршување на повеќе функции, нешто што е апсолутно неопходно при управување со моторно возило. Некои видови седативи, на пример бензодијазепини, предизвикуваат вртоглавица, поспаност и деконцетрација и во таква ситуација возачот не е во состојба да ја перцепира сообраќајната околина и случувањата во сообраќајот.
Комбинацијата од алкохол и лекови се манифестира на психомоторните функции на човекот на ист начин како и тешките дроги. Управување моторно возило под дејство на алкохол и лекови е еднакво со управување моторно возило со длабоко оштетен слух и вид и со нарушена рамнотежа.
Од изнесеното, можеме да заклучиме дека одредена група лекови (антихистаминици, седативи, антидепресиви) влијаат врз способноста за возење и истите можат да бидат сериозен извор на опасности во сообраќајот и причина за многу изгубени човечки животи и за големи материјални штети.
Она што дополнително загрижува е фактот дека најчесто возачите не знаат и не се свесни за негативното влијание на одреден лек врз психомоторната способност, односно на способноста за возење.
Законот забранува, а предвидените санкции се големи, но последиците од сообраќајните незгоди предизвикани од возачи кои се под дејство на лекови и на други психотропни супстанции се фатални.
Биди одговорен возач, почитувај го Законот, заштити се себе и другите учесници во сообраќајот на тој начин што никогаш нема да возиш или да бидеш возен од лице кое е под дејство на лекови кои влегуваат во групата психотропни супстанции„, се наведува во соопштението од РСБСП.