Деца кај кои е неопходно снимање на магнетна резонанца со анестезија, освен итните случаи, патуваат дури до Битола. Причина е дефектот на еден од двата апарати на кои се прави вакво снимање на Интитутот за радиологија, кој не е во функција повеќе од еден месец. Ова го потврдија од Рендген, од каде во писменото соопштение велат дека дел од пациентите ја добиваат оваа дијагностичка услуга на вториот апарат од еден тесла а поголем дел за снимање на магнетна од 1,5 тесла одат во ГОБ -8ми септември и Клиниката за хируршки болести Свети Наум Охридски.
Болните повторно се шетаат по здравствени установи и поминуваат по неколку километри за да добијат точна дијагноза. Најголема гужва е во болницата 8-ми септември од каде потврдија дека работат во три смени за да нема листи на чекање, но поради ова постои опасност да се преоптерети и расипе и нивниот апарат.
Покрај магнетната, на Радиологија подолго време не работи и апаратот за комјутерска томографија.
.Пред 6 месеци на ренден не работеа два апарати за компјутерска томографија. Едниот е поправен а вториот и по толку време се уште не е во функција. Дел од пациентите се шетаат по други болници и клиники.
Објаснувањето од Институтот е дека апаратот бил користен многу повеќе работни часови од технички пропишаните норми и добро е и што толку отслужил.
Апаратите се расипале кога истекле договорите за сервисирање. Кога распишавме тендер за нови, Советот за јавни набавки неколку пати ни ја враќаше постапката заради исправки. Сега веќе поминаа тендерските постапки кои и временски согласно законот за јавни набавки траат подолг период за комплетирање и завршување на целата постапка, а конкретно, овој тендер за сервис и одржување на апаратите е објавен по критериуми и добиена последна согласност од советот за јавни набавки, стои во одговорот од Радиологија.
Оваа здравствена установа денеска доби нов менаџер откако претходната директорка побарала да биде сменета од функцијата. Со Рендген ќе раководи Даниел Ѓурчинов.