Истражувачите од Универзитетот во Кембриџ и Универзитетот Фудан во Кина испитувале податоци од речиси 500.000 возрасни лица на возраст меѓу 38 и 73 години, во обид да го одредат идеалното количество сон за таа возрасна група.Учесниците биле прашани за навиките за спиење, менталното здравје и благосостојбата, по што поминале низа когнитивни тестови.
Податоците за генетиката и мапирањето на функциите на мозокот исто така биле добиени од речиси 40.000 учесници во студијата.
Истражувачите откриле дека седум часа е идеално времетраење на спиењето за да се постигнат максимални когнитивни перформанси, како што се визуелно внимание, меморија, вештини за решавање проблеми и брзина на обработка на податоци.
Тие, исто така, заклучиле дека толку многу времетраење на спиењето е оптимално за менталното здравје, при што луѓето искусуваат повеќе симптоми на анксиозност и депресија и им се влошува општото здравје ако спијат подолго или пократко.
„Иако не можеме со сигурност да кажеме дека премалку или премногу сон предизвикува когнитивни проблеми, нашата анализа, која ги разгледува поединците во долг временски период, се чини дека ја поддржува оваа идеја“, вели професорот Џијанфенг Фенг од Универзитетот Фудан.
„Причините зошто постарите луѓе спијат помалку се чини дека се сложени, под влијание на комбинацијата на нашиот генетски состав и структурата на нашиот мозок“, рече тој.
Ова истражување, кое може да се најде во списанието Nature Aging, ги поддржува претходните студии кои објавија поврзаност помеѓу пократкото спиење и зголемениот ризик од развој на деменција и Алцхајмерова болест, која е најчеста форма на деменција.