Намалена смртноста на новороденчињата на ГАК

Од 26 на 17 проценти е намалена смртноста на новороденчињата во првите шест месеци од годинава во однос на истиот период минатата година. Македонија во моментов има регионален рекорд на преживеано новороденче родено во 23. недела и три дена.

На Клиниката за гиенекологија и акушерсво (ГАК) министерот за здравство Венко Филипче денеска информираше дека лани вкупно починале 82 предвремено родени, а годинава 57.

– Ова се должи на инвестицијата на Владата во инкубатори за интезнивната нега на ГАК, во доекипирањето на експертскиот тим, на приемот на нови 20 медицински сестри…, истакна Филипче и нагласи дека Министерството ќе продолжи да инвестира во нова опрема која ќе се користи на интезивната нега во Гинекологија.

Тој најави уште едно доекипирање на Клиниката со доктори и медицински сестри за во одделот за интезивна нега, но и едукација за докторите кои ќе соберат искуство од колеги од Клиника за гинекологија од Софија.

Докторката Елизабета Петковска информираше дека 80 до 85 проценти од починатите новороденчиња се под 32. гестациска недела или се со телесна маса под еден килограм и петстотини грама. Појасни дека тие три четвртини од починатите се со рани компликации, а најчесто заради незрелста на белодробието и на централниот нервен систем

Правејќи паралела на стапката на смртност на новороденчињата во однос на минатата година, докторката Љиљана Којиќ рече дека лани во одделот се лекувале 336 новородени, а починале 82, додека годинава за истиот период од 321 новородени, починале 57.

– Не само што е запрен трендот на пораст од последниве две-три години туку се бележи и намалување. Постигнат е успех и во намалување на смртноста на новородени кои спаѓаат во групата од 29. до 36. недела каде се бележи двојно намалување на починати, за разлика од лани, рече Којиќ.

Според неа трендот на намалување на смртноста кај предвремено родените ќе продолжи со најавените нови апарати како што е високофреквентен вентилатор, набавката на два апарата за неинванзивна вентилација, како и апаратот за брза дијагностика на инфекции со кој ќе се добие резултат за два часа, а кој според неа е многу важен бидејќи многу трудници имаат инфекции.

Којиќ информираше дека Клиниката во Скопје има мал регионален балкански рекорд, оти има преживување на новороденче во 23. гестациска недела.

– Најмалото бебе во поранешните југословенски држави беше бебето Вук родено пред пет години во Белград во 24 недела, потоа бебето Хана од Сплит породено во 23. недела и шест дена, а нашиот Бетим е роден во 23. недела и три дена и е најмладо преживеано новороденче во регионот, истакна Којиќ.

Во моментов на интезивна нега во инкубатор има 42 бебеиња.

гинекологијановороденчињасмртностфилипче