Намалена смртноста на ГАК кај превремено родените новородечниња! -Годинава починале 96

Според податоците на Универзитетската клиника за гинекологија и акушертво, годинава е забележан намален процент на смртност на предвреме родените новороденчиња.

„Изминатата 2017 година бројот на починати предвреме родени новороденчиња изнесувал 167 од вкупно 781 или 21% од третираните на одделението за интензивна нега, додека во 2018 година за истиот период од 10 месеци починале вкупно 96 од 595 или 16% од третираните. За напоменување е дека кога станува збор за смртноста кај предвреме починатите новороденчиња дека станува збор за исклучително прематурни и високоризични новороденчиња“, велат од ГАК.

На Клиниката за детски Болести, пак, во 2017 година, на одделот за интензивна нега и терапија примени се 87 прематурни новородени. Од нив, 33 се деца родени под 28 гестациска недела и 22 биле со екстремно ниска родилна тежина под 1 000 грама.

Во 2018 година, од јануари до ноември, на одделот за интензивна нега и терапија, примени се 66 прематурни бебиња од кои 28 биле родени под 28 гестациска недела  и 21 со тежина под 1000 грама. Вкупно 57 деца се испишани од  одделот во добра состојба.

Од Клиниката за детски болести соопштија дека најмалото бебе во килажа кое било примено изминативе две години на одделот и било испишано во добра состојба имало само 480 грама. Од примените прематурни бебиња, со најмала гестациска возраст е бебе родено во 24/25 недела од бременоста кое тежело само 690 грама.

Клиниката за гинекологија оваа година го одбележува Светскиот ден на предвременото породување под слоганот „Да соработуваме: Партнерство со семејствата при грижата за малите и болни новороденчиња“.

„На Светскиот ден на предвременото породување 17. Ноември, ја објавуваме и соработката со граѓанската невладина организација ‘Лулка’, при што заеднички ќе им подаадеме рака и поддршка на сите родители кои имаат предвреме родено дете, и се обврзуваме дека ќе направиме се што е во наша моќ за семејствата кои допрва ќе се соочат со предвременото породување“, велат од Клиниката.

Од таму велат дека за подобрување на состојбата на овие бебиња и нивните семејства, почнати се бројни активности, а во тек се и мерки за подобрување на комуникацијата со семејствата, отворање на одделението и воспоставување на еден подобар однос на соработка и партнерство помеѓу персоналот и семејствата, имајќи ја пред нас заедничката цел, а тоа е подобар третман и подобро здравје на најмалите пациенти.

бебињагакинтензивналекариновороденчиња