Намален бројот на заразени со Ковид-19 во земјава

Намалување од 5,4 отсто на дијагностицирани и од 45,5 отсто на починати од КОВИД-19 имало од 28 март до 3 април споредено со претходната седмица. За 13,4 проценти се помалку и хоспитализираните – на болничко лекување во моментов има 71 пациент.

Според најновиот неделен извештај на Институтот за јавно здравје, од 14 873 направени тестови, регистрирани се 1602 позитивни со коронавирус од 30 градови. Над половината (893 односно 55,7 проценти) се од Скопје. Од вкупниот број потврдени,  272 биле реинфекции, што е зголемување од 1,5 процент. Пријавени биле 12 смртни случаи во осум градови наспроти 22 починати во претходната недела.

Од 28 март до 3 април се регистрирани заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапена е над 60 години. Најзабележливо намалување на заболени во споредба со минатата недела има кај возрасната група од 20 до 29 (26,6 отсто).

Во 93,5 отсто од испитуваните примероци била докажана BA.2 сублинијата на омикрон т.е. стелт (stealth).

Статус оздравени во изминатата седмица стекнале 1706 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е 4,6 проценти помалку во споредба со минатата недела кога имаше 1789 оздравени.

Заклучно со 3 април,  целосно вакцинирани (со две дози) се 853 501 лица, а трета доза примиле 154 693.

Во вчерашниот КОВИД-билтен беа регистрирани 236 нови случаи од 2212 тестирања, 252 оздравени и немаше починат. Во целата држава има 1550 активни случаи, трицифрени имаат само Скопје (835) и Битола (167). Три града (Дојран, Демир Хисар и Демир Капија) немаат ниту еден активен, а под десет активни има во 15 градови.

Поради стабилната состојба и значителниот пад на новозаразени, многу земји ги олабавуваат мерките. Од 1 мај заразените со КОВИД-19 во Германија нема да одат во изолација, туку карантинот ќе биде на доброволна основа.

Министерството за здравство на заразените лица ќе им издаде само препорака да бидат во изолација пет дена. Но, за медицинските работници ќе важат правила за карантин односно тие ќе мора да се во карантин и по пет дена да се тестираат.

Во Црна Гора од утре ќе биде само препорака носењето заштитни маски во училиштата, маркетите, трговските центри, спортските сали. Маските ќе бидат задолжителни во здравствените установи, во објектите за колективно сместување и во јавниот превоз.

Меѓутоа Кина ги продолжи епидемиолошките ограничувања во јавниот превоз во Шангај, откако по еднодневно интензивно тестирање низ градот, беше утврдено дека бројот на нови КОВИД-случаи се зголемил на повеќе од 13 000.

Минатата недела во градот беа воведени пошироки ограничувања како дел од напорите на владата да ја спречи најголемата епидемија на КОВИД-19 досега. Повеќе од 25 милиони граѓани на Шангај сега се затворени, а ограничувањата во западните области на градот се продолжени до понатамошно известување.