Околу 300 деца со посебни потреби не можат да добијат поправка на заби бидејќи на детскиот оддел во Стоматолошкиот клинички центар немаат апарат за анестезија. Стариот се расипал уште во мај а новиот што го нарачале ќе пристигне дури после новогодишните празници.
Со месеци родители на деца со аутизам и церебрална парализа незнаат како да им ги ублажат болките бидејќи овие интервенции во јавното здравство ги прават само во оваа установа.
На мака сме, детето кое е со аутизам ми е нервозно, но не може да ми каже колку го болат забите. Има паднати пломби и речиси секој месец се јавувам на Стоматологија, но одговорот што го добивам е кога ќе стигне апаратот. Се распрашував и во други установи, но на приватно е премногу скапо, реагираше во Сител родител на дете со аутизам
Директорот на Стоматолошкиот клинички центар вели дека е свесен за сериозниот проблем на родителите. Изјави дека го разбира нивниот револт, но проблемот го лоцира во тендерските процедури.
-Уште во семптември е нарачан, ќе го донесат од Германија и ние ќе имаме договор со анестезиолог од Карил. Ќе се организираме и ќе правиме напори и по три пациенти да имаме дневно, изјави др. Агим Карај, директор на Стоматолошки клинички центар
Карај не знае зошто претходното раководство во оваа установа не го решиле проблемот со апаратот за анестезија. Но како специјалист предупредува дека расипаните заби влијаат на целокупното здравје.
-Кариесот и расипаните заби прават инфекции и влијаат и на други органи. Кај овие деца кога имаат болки не можат да џвакаат и тоа е проблем, вели др. Карај
Додека пристигне новиот апарат, во меѓувреме се повеќе се зголемува бројот на деца со посебни потреби кои имаат потреба од стоматолог.
Во оваа ординација каде е неопходна и анестезија, дневно може да третираат само двајца пациенти. Имајќи ја во предвид долгата листа на чекање, тие што се 200 или 250 на листата ќе чекаат уште најмалку осум месеци за добивање на неоходните стоматолошки услуги.