На токсикологија регистрирани 82 случаи на предозирани лица со дроги за две и пол години

Од јануари 2016 година до јуни годинава 82 случаи на предозирање се регистрирани на Универзитетската клиника за токсикологија од кои 11 биле жени, а еден адолесцент. Од случаите 36 се резултат на предозирање со хероин, а 46 со метадон.

Ова се наведува во заедничкото соопштение од Здружението ХОПС – Опции за здрав живот, Клиниката за токсикологија и Здружението на токсиколози на Македонија по повод Меѓународниот ден за подигнување на свеста против предозирање со дроги. Се посочува дека реалниот број случаи на предозирање со сигурност е многу поголем.

Службите за Итна медицинска помош, дежурните медицински служби и Ургентните центри и при најмал сомнеж за предозирање со опијати треба да го користат препаратот Налоксон, кој треба да стане достапен во заедниците кои употребуваат опијатни дроги. Фармацевтските компании кои го произведуваат и нивните законски застапници треба да го регистрираат лекот, а Министерството за здравство да дозволи слободен промет на истиот без рецепт, со што тој ќе биде достапен во аптеките, се истакнува во соопштението.

Министерството за правда, пак, како што се потенцира, треба да изнајде решение за прекинување на праксата на отпуштање на затвореници без соодветна документација, бидејќи со тоа се оневозможува тие лица да продолжат со лекувањето на зависноста веднаш по излегувањето на слобода, што ги става во особен ризик од предозирање.

Клубовите и сите организатори на музички или други масовни настани треба да воспостават мерки за заштита на здравјето и животот на посетителите, како и обезбедување непречен пристап на Итната медицинска помош до подиумите, бесплатна вода на настаните, како и присуство на обучени тимови за намалување на штети на секој настан. Надлежните институции треба да воспостават ефикасен систем за евидентирање на случаите на предозирање. Луѓето кои имаат намера да користат каква било дрога треба да се информираат за дејството, можните последици, како и начините за намалување на штетите. Граѓаните во случај на сомнение за предозирање со дроги во нивната околина веднаш да укажат прва помош и да повикаат Итна медицинска помош, стои во соопштението.

Секоја година околу 200.000 луѓе во светот се жртви на предозирање.

дрогипредозирањетоксикологија