На петте најдобри студенти кои завршиле медицина ќе им биде дадена шанса веднаш да се вработат во здравството

На петте најдобри студенти кои ќе завршат медицина ќе им биде дадена шанса веднаш да се вработат во здравството кај нас. Новина е и што на Медицински факултет е акредитирана програма на англиски јазик и ќе се започне со запишување на странски студенти, информираа денеска министерот за здравство Арбен Таравари и деканот на Медицинскиот факултет Светозар Антовиќ.

– Петте најдобри студенти кои завршиле медицина во Скопје, во Штип и во Битола, ќе им дадеме шанса веднаш да се вработат, пред ова да влезе во закон. Се надевам наскоро ќе биде и дел од законот. Оваа година почнуваме со пет, идната година, се надевам, по 10 студенти од сите медицински факултети, изјави Таравари по средбата.

Најави и средба со приватните специјализанти, информирајќи дека приватните специјализации  ќе се намалат за 50 отсто оваа година и приоритет ќе им се даде на специјализациите што недостасуваат.

– Пред сѐ, зборувавме за рационализација на специјализанти и специјалисти. Во државава има одредени специјалисти што се многу на број, а има такви кои се многу дефицитарни. Оваа година можеби ќе направиме мораториум на одредени специјализации, рече Таравари.

Предност ќе им се даде на патологија, онкологија, радиологија и анестезиологија, каде има недостиг.

– Покрај рационализацијата на специјализациите, ќе направиме и промена на законот, како се финансираат, за Медицинскиот факултет да не трпи штета. Особено ми е драго дека со заеднички напори конечно петте најдобри студенти ќе ги задржуваме во државата, нагласи деканот Антовиќ.

Додаде дека интересот за студирање на Медицинскиот факултет во Скопје е огромен.

– Медицинскиот факултет е сѐ уште еден од факултетите каде сите квоти ги запишува во првиот уписен рок. Пред неколку дена е објавен конкурсот од страна на Универзитетот. Оваа година само за општа медицина ќе запишеме 200 студенти. Тоа што е новина е дека конечно ја акредитиравме програмата на англиски јазик. Ќе започнеме и со запишување на странски студенти кои ќе студираат на англиски јазик. Бројката за нив е исто така 200. Очекувам дека барем со педесетина ќе почнеме оваа година, изјави Антовиќ.

За големиот одлив на кадар, Антовиќ рече дека тоа е глобален проблем.

– Тоа е европски миграционен проблем. Кога ќе ја погледнете Германија, сигурно не е неразвиена земја. Меѓутоа, од Германија сите доктори, горе – долу, бараат работа во земји што се поразвиени од неа. Со тој проблем тешко ќе се справиме, особено откако се либерализираат политикиве на странските земји за примање на нашите доктори, но, ние треба да работиме локално, да ги подобриме условите, пред сѐ за вработување на дипломираните студенти. Ние немаме проблем со студентите, не ни заминуваат студентите, ни заминуваат дипломираните доктори. Медицинскиот факултет има мали ингеренции за вработување на тие доктори, но, мислам дека заедно со Министерството за здравство сериозно ќе работиме на тие програми, подвлече Антовиќ.

Наскоро се очекува да се најде решение и за читалната која треба да биде на местото на модуларната болница в близина на Инфективната клиника.

– Се надевам наскоро ќе најдеме решение со Министерството за локална самоуправа да се тргне модуланата болница и таму да се направи читална. Да има предавални или амфитеатар. Да го подготвиме проектот, рече Таравари.