Факт е дека ракот е болест која досега има одземено многу животи и дека борбата против него е исцрпувачка и за пациентот и за неговите блиски.
За среќа, со развојот на медицината, постојат дијагнози кои полесно се решаваат и ракот успешно се повлекува. За жал, постојат и оние кај кои е откриен во доцен стадиум или болеста брзо прогресира и не реагира на терапиите.
Иако се работи на целосно подигнување на свесноста околу оваа болест, за нејзе постојат многу митови и погрешни информации, а ова се најчестите:
Луѓето кои здраво се хранат не можат да се разболат со рак
Најпросто кажано, ракот се појавува кога нормални клетки почнуваат да се размножуваат со голема брзина и се случуваат промени во нивната структура. Иако е сосема препорачливо да се храните здраво, да спиете доволно и да водите генерално здрав животен стил, тоа не ги поништува шансите да заболите, туку ги редуцира.
И веганите може да заболат од рак и јога инструкторите и спортистите… Тоа повеќе зависи од генетиката, еколошките фактори и склоноста кон здравствени нарушувања.
Ракот е заразен
Ракот не е заразен и тоа е непобитен факт. Ако имате личност во своја близина која е болна од рак, не постои шанса да се заразите и разболите.
Сепак, не заборавајте дека постојат и вируси, особено ХПВ, кој е пренослив и може да предизвика рак на грло на матка. Но, разграничете ги фактите: ракот не е пренослив, вируси и бактерии кои можат да бидат тригер се.
Ако блиски од семејството имаат рак, ќе имате и вие
Генетиката игра огромна улога во тоа колку сте изложени на ризик од рак, но исто така и секундарните фактори од вашата околина. Ако немате семејна историја со рак, не значи дека никогаш нема да се разболите, исто како што не значи и дека оние чии родители, баби или дедовци биле болни, сигурно ќе се разболат и тие.
Секој во своето тело може да развие абнормални, канцерогени клетки, но имунитетот се бори против нив. Проблемот се појавува кога имунитетот не е доволно силен или кога телото не произведува доволно антиканцер клетки кои ги поништуваат абнормалните. Ова зависи и од генетиката, но и од самите имунитет и метаболизам, како и од надворешните фактори кои влијаат врз општата здравствена состојба.
Само пушачи може да добијат рак на бели дробови
Постојат страствени пушачи кои никогаш нема да добијат рак на бели дробови, но и такви кои никогаш не вдишале чад од цигара, а се изложени на ризик. Повторно, ова зависи од мутации на гените и клетките, од присуството на абнормални протеини во телото и секако, надворешните влијанија, кои во комбинација со споменатите фактори, може да предизвикаат тешка канцерогена состојба дури и кај оние кои не знаат како изгледа цигара.
Тумор е исто што и рак
Многу луѓе ги поистоветуваат овие термини, но тие се опис на две различни состојби. Ракот значи болест која предизвикува ненормален раст и размножување на клетки, додека туморот е ткивото што се формира поради таа претерана делба на клетките.
Туморите може да бидат и малигни и бенигни, од кои малигните можат да метастазираат и да се пренесат во други делови од телото.
Симптомите на рак се очигледни
Ако ова беше вистина, тогаш многу луѓе ќе го откриеја ракот во раните фази и немаше да се изложуваат на измачувачките хемотерапии, па и покрај тоа да го изгубат животот. Во зависност од тоа каде се појавува, ракот може да предизвика цел спектар на симптоми, но она што е заедничко за сите е што се слични на други безопасни состојби. Затоа и луѓето уште го нарекуваат ракот „тивок убиец“.
Кога некој ќе се разболи од рак, се сели во болница
Болните од рак се селат во болница кога клиничката слика е многу тешка, кога мора да примаат секојдневна терапија или треба да бидат во изолација. Но, тоа е само мал дел од пациентите. Поголемиот дел од нив успеваат непречено да ги вршат своите секојдневни обврски, да комуницираат и да одат на работа.
На сите болни им паѓа косата
Косата им паѓа на оние кои се изложени на поагресивна терапија, како што се зрачењето, хемотерапијата и хормоналните стимулации. Иако во филмовите гледаме дека на сите болни им паѓа косата, во реалноста постојат и оние кои нема да изгубат ниту влакно поради болеста.
Хемотерапијата е задолжителна
Хемотерапија се дава на оние пациенти кои физички можат да ја издржат. Самиот процес е доста исцрпувачки и многу пациенти земаат други терапии. Исто така, тоа е и прашање на избор, бидејќи секој има право да прифати или одбие медицинска интервенција од каков било тип.
Погрешно е и верувањето дека хемотерапијата е единствена терапија што помага при вакви случаи. Постојат многу лекови кои се земаат орално, потоа и алтернативни препарати, имунотерапија, хормонална терапија и уште многу други опции кои пациентот може да ги избере.
Алтернативните и холистичките терапии можат да излечат рак
Интернетот е преполн со „докази“ за ефикасноста на алтернативната медицина. Но, имајте предвид дека се работи за многу сериозна медицинска слика и дека морате да се консултирате со оние кои учеле за да ве лечат, а не од надрилекари. Многу е јасно дека кога ќе се соочите со оваа болест, било кај себе или кај близок, сакате да направите сè што е во ваша моќ за да помогнете, но многу алтернативни препарати може да ги поништат дејствата на медицинската терапија и со тоа само да се направи полошо.
Ракот значи скора смрт
За жал, многу случаи на рак завршиле со тешка и мачна смрт за пациентот. Но, во зависност од стадиумот на болеста, многумина успеале да го излечат и да продолжат со регуларниот начин на живот. Секогаш постои можност да се врати во друга форма, но затоа, еднаш излечен пациент мора редовно да оди на лекарски контроли.