Во однос на вакцино-превентабилните заболувања, во месец ноември 2018 година, во ИЈЗ регистрирале24 заболени лица. Пријавени се 8 лица со вирусен хепатит Б, кои согласно Календарот за имунизација не подлежат на вакцинација и не се вакцинирани. Пријавени се 6 случаи на заразни заушки од кои три се од возрасната група што не подлежат на вакцинација според Календарот за имунизација, еден припаѓа на возрасната група од 1-4 години, а два случаи се од 5-9 години. Според местото на живеење, пет лица се од Скопје и еден случај од Струмица. Согласно вакциналниот статус на заболените, едно лице е вакцинирано со една доза, а два се вакцинирани со две дози на МРП вакцината. Кај два случаи дијагнозата е поставена клинички, кај три случаи клинички и лабораториски, а за еден случај нема податок. Во текот на ноември регистрирани се 5 нови случаи на мали сипаници. Според местото на живеење заболените се од Скопје и се епидемиолошки поврзани. Според возрасната група, еден случај е 6–месечно дете, три се на возраст од 1-5 години и еден случај од 20-29 години. Случаите се лабораториски потврдени. Регистрирани се 4 нови случаи на голема кашлица, две се од Скопје и по еден случај од Крушево и Куманово. Согласно податоците за возраст, три од заболените се на возраст од 2-6 месеци, а едно лице е на возраст од 3 години. Сите регистрирани случаи се невакцинирани со вакцина која содржи компонента против голема кашлица. Кај заболените, дијагнозата е поставена лабораториски и се потврдени во Вирусолошката лабораторија во ИЈЗ.
Регистриран е еден случај на инфекција со ХиБ. Се работи за 1-месечно дете од Скопје. Дијагнозата е докажана само клинички, а во однос на вакциналниот статус детето, согласно возраста сѐ уште не подлежи на вакцинација според календарот за имунизација.