Дали и други помали девојчиња од домот 25 мај биле сексуално злоупотребувани од постари штитеници? Овие сомневања доаѓаат од првиот човек на детската амбасада Меѓаши, кој вели дека случајот со 13 годишната малолетничка која со месеци била силувана и принудена да абортира, се уште не ги дал главните одговори – Зошто досега се молчело а труд и социјала се мобилизира под притисок на јавноста, каде било обвинителството да реагира многу порано и дали требало да биде доведен во прашање животот на детето за да се преземат мерки?
-Има повеќе виновни, засега жената е пронајдена која тргувала со детето, значи нема амнестија за домот зашто тоа дете морало некој да го чека, злоупотребува и да тргува со него. Има сомнежи дека и постари штитеници злоупотребуваат помали девојчиња, што значи морална одговорност на директорот е најмалку, треба и кривична, вели Драги Змијанац директор на Меѓаши.
Од труд и социјала без конретен одговор дали ќе има кривична одговорност за поранешниот директор на домот.
– Истрагата на Oбвинителството ќе покаже кон што и за што ќе се покренат обвиненија во случајот со злоупотребуваните штитеници од Домот „25-ти мај“.Таму се поднесени кривичните пријави, вели Мила Царовска, министер за труд и социјална политика
За случајот со 13 годишното девојче, Министерството за труд и социјала поднесе кривична пријава за 12 лица од скопскиот центар за социјални работи како и 12 пријави за прекршочна и дисциплинска постапка. Во притвор е и жена од Кавадарци која ја принудувала на проституција малолетничката.
За целосно расчистување на случаите со сексуална злоупотреба на штитенички од домовите, од Меѓаши бараат од Владата да нема застарување на делото – полов напад врз дете кое нема 14 години.