Медицински сестри бараат неплатен одмор за да одат на привремена работа во Германија – Ако продолжи одливот, за неколку години земјата ќе нема ваков кадар!

Триесетина медицински сестри од болници во Скопје и внатрешноста, овој месец доставиле барања до директорите за неплатен одмор. Сите ќе одат на привремена работа во Германија, каде, според изјави на здравствени работници, платата е за десет пати повисока од македонската. Само во ГОБ 8-ми септември 5 инструментарки од операциони сали бараат неплатено на три месеци. Од болницата неофицијално коментираат дека ако заминат во странство тогаш повторно ќе мора да затвораат болнички одделенија како што беше во 2016 година. Во такви услови, оштетени ќе бидат и пациентите и здравствените установи.

– Во Унијата секојдненво ни стигнуваат информации дека нашите колешки наоѓаат разно разни начини да заминат во странство. Оние што се со договор на дело учат интензивно германски јазик за да заминат во странство, бидејќи одве не успеале на конкурсите за вработување. Веќе вработени го користат законското право за неплатен одмор, заминуваат, и има и такви ако е добро и не се враќаат. Треба да има зголемување на плата и на бод, за да се спречи овој одлив на медицински сестри, изјави  сестра  Гордана Бешлиовска, координатор на Унијата на здруженија на медицински сестри, акушерки и техничари.

Од Унијата, според неофицијални информации што ги добиваат, велат дека речиси сите млади медицински сестри по завршување на средното медицинско образование и по добивање на лиценцата веднаш почнуваат со интензивно учење на германски јазик. Нивната статистика покажува дека околу 3000 нивни колешки се на курсеви по странски јазици и ако не се спречи одливот, за неколку години ќе нема медицински сестри во државата.

Наредната недела имаат средба со министерот за здравство каде на маса ќе ги изнесат нивните барања за поголеми плати, дежурства како и формирање на комора.

медицинскинеплатенодливпопуларносестри