Македонските аџии се вратија здрави од Саудиска Арабија

Верниците се вратија дома здрави по аџилакот во Мека и Медина. На аеродромот Александар Велики каде ги пречекале екипи од државниот здравствен и санитарен инспекторат, никој не се пожалил на здравствени проблеми. Со решенија кои ги добиле сите 744 аџии, наредните три недели мора да се јавуваат во центрите за јавно здравје во местото каде живеат. Колера, маларија и жолта треска се болестите кои им се закануваат на сите кои одат во Саудиска Арабија.

-Со решенијата мора да се јават на преглед, доколку некој има симптоми, тогаш освен анамнестичка анкета му се прават и дополнителни испитувања а може да добијат и терапија и тоа за болестите кои се ендемски за тие подрачја, вели др. Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ

Здравствените власти велат дека нема простор за паника некој од аџиите да заболи од колера или маларија, бидејќи тие ги преземаат сите мерки кои ги препорачува СЗО. Олеснителна околност овие две години е што верниците одат во Саудиска Арабија само по воздушен пат.

-Овојпат со нив имаше и десет лекари кои патуваат со нив и се враќаат заедно со нив. Нема зошто да ги паничиме луѓето, бидејќи сите превентивни мерки се преземени, вели др. Бухова.

Досега во центрите за јавно здравје не бил регистриран ниту еден случај на заболен аџија со болестите карактеристични за Блискиот Исток. Изминатите неколку години од Министерството за здравство ги советуваат и матичните лекари да внимаваат доколку некој нивни пациент има симптоми слични на МЕРС или колера и бил во ризични земји.

 

аеродромаџииболестиинспекторатпопуларно