Родилка од Скопје ја напуштила Клиниката за Гинекологија со туѓо новороденче. Кога со семејството влегле во автомобилот за да си одат дома, видела дека тоа не е нејзиното бебе и веднаш се вратиле назад. Според информациите на Сител, вистинската мајка се уште била хоспитализирана на ГАК и овој несекојдневен случај бил решен за 15 минути, по што родилката си заминала со вистинското дете.. Се се случувало во собата за испис кога жената реагирала на туѓо име со што сестрите подготвиле за одење бебе со погрешно бројче, без притоа да ги споредат алките на рацете. Инцидентот го потврдија и од Клиниката.
-Станува збор за настан кога при испис на новороденче се интерпретирани различни податоци и од страна на сестрата и од страна на мајката. Но битно е дека веднаш после направениот увид е корегирана таа ситуација, вели Драгана Букилица, портпарол на ГАК
Нема конкретен одговор од Клиниката како медицинските сестри кои биле со долгогодишно искуство можеле да направат ваква грешка. Но затоа, пак, апелираат до семејствата кога доаѓаат по бебињата да бидат најмногу два члена бидејќи се правела голема гужва во просторијата каде ги спремаат новороденчињата. Алармот е вклучен, а дали ќе има санкции за сестрата што ги заменила бебињата ќе утврдува Комисија од ГАК.
-Кога се пријавуваат вакви случаи има точно утврдена процедура, формуларот е пополнет и ќе се состане Комисијата која одлучува за вакви работи и ќе постапат онакак како што е пропишано во вакви ситуации, вели Букилица.
Веста за заменетите бебиња предизвика лавина од реакции на социјалните мрежи. Од критики до медицинските лица за непочитување на протоколи до паника и нервоза кај трудници да не се најдат во слична ситуација.
-За овој сериозен пропуст со замената на бебиња на ГАК, експерти советуваат дека раководството на клиниката мора да ја преиспита но и да ја подобри процедурата за земање на бебињата од страна на родителите и тоа да важи за сите родилишта во земјата.