Луѓето со исклучително ретка крвна група може да имаат поголем ризик од проблеми со меморијата, пишува Хафингтон пост. Ново истражување објавено во списанието “Неврологија”, тврди дека луѓето со крвна група АБ имаат 82 отсто поголем ризик за когнитивни и проблеми со меморијата како што стареат. Истражувачите ги проучувале податоците од истражувања во кои биле вклучени повеќе од 30.000 луѓе над 45 години. Потоа ги идентификувале во посебна група 495 луѓе кои имале развиено проблеми со меморијата и когнитивни способности во период од три и пол години. Учесниците во истражувањето решавале когнитивни тестови а резултатите ги споредувале со оние на друга група од 587 луѓе кој немале проблеми со меморијата.
Истражувачите исто така откриле дека луѓето со повисоко ниво на фактор VIII, протеин кој помага во згрутчувањето на крвта, имаат речиси 25 отсто поголем ризик од појава на когнитивни проблеми во споредба со оние со пониско ниво на овој протеин. Луѓето со крвна група АБ имаат повисоко ниво на овој протеин, тврдат научниците.
– Нашето истражување беше за крвната група и ризикот од когнитивни проблеми, но неколку други истражувања покажаа дека и други фактори, како што се висок крвен притисок, висок холестерол и дијабетес, исто така, го зголемуваат ризикот од деменција.