Лоша хигиената во Гинекологија – Министерот Таравари во ненајавени контроли по клиниките!

Лоши хигиенски услови и несоодветен третман на медицинскиот отпад во Клиниката за гинекологија. Ваква состојба синоќа затекнале санитарни и здравствени инспектори, кои по налог на министерот Арбен Таравари биле во ненајавени контроли на неколку здравствени установи. Слична била и состојбата на Трауматологија, додека пак, на Ортопедија, Ургентен и Токсикологија општата хигиена била релативно добра.

-Цел на надзорот е континуитет во одржување на општите санитарно-хигиенски  услови во објектот, почитување на работното време и постојана покриеност на приемните амбуланти за итни случаи,-почитување на Законот за заштита од пушење, како и контактирање по случаен избор пациенти во однос на етички и професионален однос на здравствените работници, стои во соопштението од Министерството за здравство.

Оттаму не кажуваат дали ќе има казни за менаџерите кои не одржувале добра хигиенска пракса во установата.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат им дал препораки и решенија на раководните лица во клиниките што треба да направат, а со ненајавените контроли ќе продолжат и во текот на викендот како и наредната недела. Од Министерството соопштуваат дека вакви инспекциски надзори ќе има и во други здравствени установи во државата за да можат одблиску да ја видат состојбата и да преземат мерки доколку има недостатоци.

 

гинекологијаклиникаконтролинадзорпопуларнотараварихигиена