Државниот санитарен и здравствен инспекторат во врска со претстојните патувања на граѓани на РМ од исламска вероисповед, во Саудиска Арабија на аџилак, ја информира јавноста за условите и начинот под кои може да се организираат овие патувања, согласно Законот за заштита на населението од заразните болести, неговите подзаконски акти и согласно меѓународните здравствени правила.
Лицата кои патуваат на аџилак (масовни собири), во земји ризични на одредени заразни заболувања, можат да патуваат само организирано во групи не помали од 40 лица. Организаторот на патувањето е должен во придружба на секоја група, да обезбеди најмалку по еден лекар (да достави лиценца за лекарот до ДСЗИ) со соодветна медицинска опрема и лекови.
Десет дена пред почетокот на патувањето да достави список на патници до ДСЗИ со податоци за година на раѓање, место и адреса на живеење, број на патна исправа, број на лична карта и да достави Извештај за патувањето до ДСЗИ со податоци за организаторот, денот на поаѓање и враќање, како и назначени гранични премини и земји низ кои ќе патуваат до Саудиска Арабија.
Лицата кои патуваат на аџилак должни се да имаат обезбедено Меѓународно вакцинално уверение (жолта книшка) со доказ за извршена имунизација против менингоков менингит, во надлежен Центар за јавно здравје ( по место на живеење) 10 дена пред заминувањето.
Лицата при нивното враќање од аџилак, на самиот граничен премин, влез во РМ од страна на ДСЗИ со решение ќе бидат задолжени да се јави на здравствен надзор во надлежен Центар за јавно здравје.
Наведените мерки треба да ги испочитуваат организаторите на патувањата и самите патници, а за непочитување на било која од нив, од страна на ДСЗИ ќе бидат поведени соодветни законски постапки.
Во Република Македонија единствени точки за влез и излез се Меѓународниот аеродром Скопје за патувања на масовни собири по воздушен пат и граничен премин Деве Баир, за патувања по сувоземен пат. Доколку за патувања по сувоземен пат ДСЗИ не биде навремено информиран, нема обврска за обезбедување на дежурна екипа на Деве Баир.