Хаосот со комисиите во здравството продолжува. Како што дознава Сител, имиња на лекари од Гинекологија се наоѓаат во по седум комисии во исто време, слично како вработени од Министерството за здравство кои истовремено имаат и по 10 вакви функции. За ваквата состојба повеќе од две недели чекаме одговор од ресорното министерство што ќе преземат едни исти лица да не членуваат во неколку комисии. Официјално не соопштуваат и колку пари за тоа трошат од буџетот и за колку од 200-те комисии членовите имаат дополнителна заработувачка. Додека чекаме одговор од надлежните, директорката на ГАК за Сител кратко изјави дека нема да дозволи вработени во клиниката да учествуваат во повеќе од 2 комисии.
Истото ќе важи и за кадарот превземен од други здравствени установи, каде им било дозволено да земаат пари од повеќе места.
Во меѓувреме, најголемото родилиште во државата почнува да се засилува со специјалисти чиј недостиг беше причина за зголемената смртност на предвремено родените бебиња. Неофицијално неонатолог од Детска Клиника и анестезиолог од Битола работниот ангажман ќе го продолжат на Клиниката за Гинекологија. Останува да се види дали новата опрема и дополнителниот кадар ќе ја намалат бројката на починати бебиња.