Република Македонија има Програма за мајки и деца, Акциски план за исхрана, Стратегија за сексуално и репродуктивно здравје, изготвен е и Акциски план за матернално здравје и на новороденчиња и Стратегија за ХИВ, има доволно долго породилно отсуство и законска рамка за паузи за доење во текот на работниот ден, изготвени стратешки оперативни процедури за давање одговор за доење и исхрана на малите деца во услови на кризи…
Ова го покажале резултатите од истражувањето „Светски трендови во однос на доењето“ презентирани денеска на панел дискусија за придобивките од доењето, што се одржа во Министерството за здравство во рамки на неговите активности за одбележување Светска недела на доење, што годинава од 1 до 7 август се одвива под мотото „Сите заедно да го одржиме доењето“.
Претседателот на Комитетот за поддршка, заштита и унапредување на доењето при Министерството за здравство, Бранкица Младеновиќ изјави дека со мотото на Светската недела на доење се става фокус на значењето на партнерството меѓу сите чинители кои работат на унапредување на доењето.
Таа посочи дека на панел дискусијата биле презентирани резултатите од истражувањето кое, како што рече, се однесува на проценка на тоа што прави државата во однос на постоечките политики, програми и практики поврзани со доењето со цел да им овозможи на мајките да го отпочнат и одржат доењето.
Во истражувањето проценката била направена со инструмент-прашалник со 15 индикатори каде стапката на доење е само еден од нив. – Со 68 бодови од можни 150 бодови Македонија е на средина во однос на вредностите добиени од другите земји. Понизок резултат од нашата држава има Белгија со 54 бода, потоа САД, а подобра е Велика Британија со 84 бода, Португалија со 91,5 бода, рече Младеновиќ.
Нагласи дека на дискусијата учествувале претставници на Министерството за здравство, здравствени работници, невладини организации и додаде дека резултатите од истражувањето и заклучоците од денешната дискусија ќе бидат опфатени во Акцискиот план за унапредување на доењето, кој го изготвува Комитетот за доење.
Заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски, кој учествуваше во панел дискусијата, истакна дека за идните мајки нема побрза, поевтина и поквалитетна храна од мајчиното млеко.
Посочи дека како Министерство за здравство ќе се ангажираат за поддршка на сите граѓански здруженија за да го промовираат тоа на што не учеле нашите баби, дека доењето за развој на идните поколенија е најважно нешто и за мајката и за бебето.
– Контактот меѓу мајката и бебето со пресекување на папочната врвца продолжува преку доењето, ексклузивно до шест месеци, меѓутоа ќе промовираме да продолжи до две години со создавање одредени услови особено за мајките кои одат на работа, додаде Чакаровски.